Дерала: Живееме во време кога црната пропаганда и говорот на омраза ги загрозуваат луѓето

Невладината организација „Цивил” денеска го одбележа 2 октомври, Меѓународниот ден на ненасилството. Претседателот на „Цивил”, Џабир Дерала, по повод на овој Меѓународен ден, рече дека филозофијата и практикувањето на ненасилството во политиката и во севкупниот живот во општеството, секако, подразбира мирно разрешување на конфликтите меѓу луѓето, заедниците и државите. Според него, тоа значи превенција на кој било вид насилство, почнувајќи од физичкото, завршувајќи со вербалното.

– Ја користам оваа прилика, на Меѓународниот ден на ненасилството, да ја истакнам констатацијата дека живееме во време кога црната пропаганда и говорот на омразата, посредно, а често и непосредно, ги загрозуваат безбедноста, физичкиот интегритет, здравјето, имотот и достоинството на луѓето. Често се случува, нефизичкото насилство да нанесе подеднакви штети како и физичкото, па и оруженото насилство. На овој ден, треба да се потсетиме дека никако не смее да се занемари онлајн насилството кое е присутно и на социјалните мрежи и во дел од медиумите. Насилството во било кој облик мора да се отфрли и осуди, да се санкционира и да се прогони од животот на луѓето”, изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на ненасилство.

Меѓународниот ден на ненасилството се одбележува на 2 октомври, поклопувајќи се со роденденот на Махатма Ганди, лидер на индиското движење за независност и основоположник на филозофијата и стратегијата на ненасилство.

Овој ден е воспоставен во 2007 година, според резолуцијата на Обединетите нации A/RES/61/271 како можност „да се прошири пораката за ненасилство, вклучително преку едукација и јакнење на јавната свест”, секогаш „имајќи предвид дека ненасилството, толеранцијата, целосното почитување на сите човекови права и основни слободи за сите, демократијата, развојот, меѓусебното разбирање и почитувањето на различностите се меѓусебно поврзани и меѓусебно ги зајакнуваат, ја реафирмираат универзалната важност на принципот на ненасилство и желбата да се обезбеди култура на мир, толеранција, разбирање и ненасилство”.

ЦИВИЛ од своето основање во 1999 година ги следи принципите на ненасилство и заложба за човекови права и слободи.

Треба да знаете
Последни објави