Снимањето на новиот шпионски трилер со Хали Бери и Марк Волберк било прекинато откако техничкиот тим пронашол сомнителен предмет.
Медиумите пренесуваат дека полицијата веднаш пристигнала на сетот на „Нашиот човек од Џерси“ во Лондон откако тимот предупредил за потенцијално смртоносна муниција што можела да предизвика експлозија.
Скотланд Јард потврди во соопштение: „Полицијата беше повикана и веднаш се упати на локацијата по пријава за предмет, опишан како чаура. Утврдено е дека станува збор за оштетен балонски канистер со гас и полицајците го отстранија“.
Анонимен извор ја опиша драмата во изјава за британски „Дејли мејл“: „Беше доста алармантно и не се двоумевме да се јавиме во полиција, која пристигна доста брзо“.
Новиот акционен трилер на Бери, опишан како ‘Џејмс Бонд со сина вратоврска’, се снимаше во судот за прекршоци во Камбервел Грин, југоисточен Лондон, кога беше пронајден канистер за кој се посомневале дека е оружје.
Други локации што се користат за снимање се станицата Кингс Крос и „Алберт бриџ“ во Челзи, каде беа забележани статисти облечени како полицајци, и хеликоптер кој лебди над структурата.
Our Man From Jersey („Нашиот човек од Џерси“) е сторија за градежен работник (Волберг) кого неговата поранешна девојка Роксана (Бери) го внесува во светот на шпионите во рамки на разузнувачка мисија.
Откако се здружи со „Нетфликс“ за нејзиното режисерско деби Bruised, 55-годишната оскаровка Хали Бери стана дел од актерскиот тим на „Нашиот човек од Њу Џерси“ за стриминг-платформата.
Марк Волберг глуми во Father Stu („Отец Сту“) кој моментално се прикажува во кината.