Претседателот на Собранието Талат Џафери побара од членовите на Државната комисија за спречување корупција до утре да се извинат за изнесените наводи дека апанажата на пратениците изнесува 100.000 денари. Првиот парламентарец напоменува дека членовите на Антикорупциската комисија се избираат токму од Собранието и тоа му дава право да бара одговорност од нив.
Катица Николовска член на Антикорупциската комисија денеска изјави дека од вкупниот број на 107 лица кои користеле апанажа, 29 доаѓаат од Влада, а 78 од Собрание. Од 107 лица кои се предмет на анализата 89 лица по престанокот на користењето на апанажата повторно се вработиле и тоа 46 во државни институиции, а 43 во приватниот сектор. Додека 18 лица по престанокот на апанажата не се вработиле.
Седум од пратениците се вратиле на работните места каде работеле пред изборот на пратеници, но дури откако го искористиле 12-месечното право на апанажа. При тоа износот на апанажата за лицата кои биле на именувани функции во Влада изнесува околу 71.000 денари, а на оние кои им завршил пратеничкиот мандат износот е околу 100.000 денари.