Американскиот претседател Доналд Трамп објави ново видео на Твитер во кое рече дека не се чувствувал добро кога дошол во болницата Валтер Рид, но дека сега се чувствува добро и дека следните неколку дена ќе бидат клучни за неговото закрепнување.
Трамп во видеото од неговата болничка соба рече дека се чувствува „многу подобро” и се надева дека „брзо ќе се врати”, еден ден по контрадикторните пораки од Белата куќа за неговото здравје, откако му беше дијагностициран Ковид-19.
Во четириминутното видео објавено на Твитер, облечен во темно син костум и бела кошула, Трамп, кој изгледаше уморно, рече дека „не се чувствувал многу добро” кога пристигнал во воената болница Валтер Рид, додавајќи дека следните денови ќе бидете клучни.
– Следните неколку дена се клучни; тоа ќе биде вистински тест, ќе видиме што ќе се случи во текот на следните неколку дена, рече Трамп, кој во видеото седи покрај тркалезна маса пред знамето на САД.
Трамп и се обрати на јавноста по нејасните проценки за неговата состојба од страна на официјални лица на неговата администрација, кои ја доведоа во прашање вистинската здравствена состојба на американскиот претседател откако беше утврдено дека е позитивен на коронавирус во четвртокот навечер.