Лацио и Интер ги поделија бодовите во дербито на третото коло од Серија А кое се одигра на „Олимпико“. Тренерот на домаќините Симоне Инзаги, имаше големи проблеми во текот на средбата, откако три од петте измени ги искористи уште во првиот дел поради повреди на своите играчи.
Тоа влијаеше врз ритамот на Лацио, па Лаутаро искористи во 30-тата минута да постигне водечки гол за Интер. За израмнување стрелаше Милинкови-Савиќ во 55-тата минута, а по неполни 15 минути Лацио остана со играч помалку, откако исклучување заработи капитенот Чиро Имобиле.
Златната копачка на Европа подлегна на провокациите на Видал и намерно го удри Чилеанецот, сето тоа беше забележано од ВАР и судијата Гида го прати Имобиле во соблекувалната. Со 10 играчи остана и Интер во финишот, директен црвен картон доби Сенси, па правдата беше задоволена.