Тројца ракометари не отпатуваа со македонската ракометна експедиција во Пореч

Тројца македонски ракометни репрезентативци не заминаа со експедицијата за Пореч на завршните контролни средби за „црвено-жолтите“ пред стартот на 28. Светското првенство кое од 12 до 29 јануари ќе се одржи во Полска и во Шведска. Покрај Филип Талевски селекторот Кирил Лазаров на располагање нема да ги има голманот Никола Митревски и левото крило Цветан Кузманоски.

За Филип Талески беше познато дека има мала повреда и дека нема да ризикува да игра до почетокот на СП. Поради болката во скочниот зглоб тој го прескокна и ревијалниот натпревар со ветераните. Голманот Митревски доби дополнителен одмор, откако доцна во декември заврши со клупските обврски во Порто. Кузманоски е здрав и подготвен, но за ова патување Дејан Манасков и Петар Атанасијевиќ ќе бидат на располагање за позицијата лево крило.

Македонија на „Кроација Купот“ утре (06.01) игра против Хрватска со почеток во 20,15 часот, додека ден подоцна во истиот термин ќе ги одмери силите со Израел.

По настапите во Пореч експедицијата се враќа во Скопје, каде ќе остане уште неколку дена, по што на 11. јануари заминува за Краков, градот домаќин каде Македонија ќе ги одигра мечевите од групната фаза. Прв противник за „црвено-жолтите“ е Норвешка (13.01), два дена подоцна ќе игра против Холандија, а на 17. јануари против Аргентина.

 

Треба да знаете
Последни објави