Развој од 7,5 отсто за следната година и рецесија од 8,2 проценти за оваа, предвидува, меѓу другото, нацрт буџетот на Грција за 2021 година, што денеска министерот за финансии Христос Стајкурас, го достави во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.
Невработеноста, се очекува оваа година да биде 18,6 отсто, 1,3 проценти повисока од лани, но процената е да се намали следната година на 16,5 отсто.
Согласно нацрт буџетот, предвидено е БДП следната година да достигне до 185,215 милијарди евра, наспроти 170,721 милијарди евра годинава.
-Нето приходите на Државниот буџет, по намалувањето на повратот на даноците, се проценува дека ќе изнесуваат 50.147 милиони евра, што претставува пад од 4.563 милиони евра или 8,3 отсто, во споредба со целта на Буџетот за 2020 година, пишува во нацртот доставен во Парламентот и дополнително, објаснето е дека целата за следната година е нето приходите да достигнат до 53.705 милиони евра.
Во однос на вкупните расходи за 2020 година, процените се дека се зголемени за 11.365 милиони евра, во споредба со целта на усвоениот Буџет за оваа година, додека пак зголемувањето, главно се должи на спроведените активности за справување со последиците од пандемијата.