Со ребалансот на буџетот ќе се обезбедат 70 милиони евра за финансиска поддршка за исплата на плати на вработените за фирмите кои бележат пад на приходите како резултат на кризата и тоа надоместок во интервалот од 14,500 до 21,776 денари, согласно падот на приходите на фирмите. По усвојување на реабалансот фирмите ќе можат да аплицираат за мерката, рече министерот за финанси Фатмир Бесими на вечерашното гостување на Топ Тема.
–Штом помине ребалансот, средствата ќе бидат обезбедени и тогаш ќе може да се спроведе постапката, затоа што официјално со закон без да ги имаш обезбедено средствата не можеш да објавиш оглас за било што, било тоа да се работи за јавна набавка, било да се работи за субвенции во конкретниот случај или трансфер – рече министерот за финанси.
Тој посочи дека оваа мерка ќе функционира во следните три месеци и ќе биде насочена кон внесување на ликвидноста во стопанството и кон зачувување на работните места.
Во претходниот период со оваа мерка беа поддржани во просек 19.322 фирми и 116 илјади работни места.