Донесените мерки за работата на угостителите се добри за во иднина. Не сите угостители ги кршат протоколите и затоа не треба да се оди кон нивното ригорозно затворање или санкционирање. Но, ако продолжи растот на бројот на заболени, знаејќи дека доаѓа еден тежок зимски период со вирози и грип, ќе биде потребно да се преземат соодветни мерки понатаму.
Ова вечерва го посочи доктор Виктор Исјановски, директор на Здравствениот дом Скопје и член на Комисијата за заразни болести во однос на острата реакција на угостителите кон новите мерки. Тој истакна дека во изготвувањето на протоколите на поќетокот, пред да почне изработката на отворање на локалите на рестораните и кафаните, учествувал и Независниот синдикат кој дал свои предлози. Комисијата дала зелено светло за отворање што е добро за економијата, но со текот на време локалите почнале да попуштаат и бројот на заболени се зголемил.
-Не преземавме многу рестриктивни мерки како сега тие што се противат, но забранивме концерти, настапи, дали се тоа домашни или странски, потоа преземавме мерки на маса да не можат да седат 12 лица, туку четворица, но вие знаете газдите на локалите пак ќе најдат начин таа 12-ка да ја направат три пати поголема. Секое утро на состанокот на Комисија за заразни болести и министерот и заменикот министер за здравство се вклучуваат директно каде кажуваат свои предлози а министрите од свои гранки кажуваат одделни забелешки и на тој начин сме во постојана координација со Владата, рече Исјановски во гостувањето на Сител.
Изјановски додаде дека големите собирања како што се свадби се многу зачестени, се собираат до 500 или 600 луѓе, а во дискотеките дури до две илјади. Ова, според него, е ризик не само за тие кои учествуваат во дискотеките, туку и за домашните, и за најблиските, за сите кои ги почитуваат мерките.
-Сметам дека овие мерки кои ги донесовме се добри за во иднина, затоа што сите угостители не ги кршат протоколите, и не треба да се оди кон ригорозно затворање или санкционирање на работното време. Меѓутоа ако овој тренд продолжи, знаеме дека доаѓа еден тежок зимски период каде што ќе се појават многу вирози, грип да имаме зголемена трансмисија на вирусот доколку е потребно ќе се преземат соодветни мерки понатаму, посочи тој.
Исјановски информираше дека Здравствениот дом е во преговори со фирми за воведување брзи тестови. Тестовите ќе пристигнат за 10 до 15 дена, а пунктот за тестирање ќе биде во поликлиниката Ѓорче Петров.
Како што најави, брзите тестови ќе се прават за 15 минути, и ќе чинат до 800 денари. Одобрени се од Светската здравствена организација и Министерството за здравство, а граѓаните може да закажуваат преку бесплатна телефонска линија која ќе биде достапна за сите.
-Здравствениот дом е во проговори со четири, пет фирми кои имаат регистрирано дозвола од Светската здравствена организација за брзи тестови, пунктот ќе ни биде во поликлиниката Ѓорче Петров кој што е спремен за овие брзи тестови, луѓе да не мора да фрлаат огромни суми пари. Мислам дека најевтиниот е околу 50 евра или четири илјади денари, овие брзи тестови ќе се прават за 15 минути, и на граѓаните нема да бидат многу скапи. Некаде до 800 денари ќе чинат овие тестови, но секој оној кој што ќе го фати паника ќе му се појават симптоми нема да мора веднаш да го оптоварува здравствениот систем и домашниот буџет. Затоа Здравстевниот дом ќе воведе вакви брзи тестови кои ќе бидат пред се, квалитетни, посочи директорот на Здраветсвениот дом.
Како што појасни, доколку на тестот се покаже дека лицето е позитивно, мора да се потврди со ПЦР тест, а доколку е негативно нема потреба, значи точноста е 99 отсто.
Исјановски најави дека идниот состанок на Комисијата се очекува да биде во петок, каде по предлог на министерот и заменикот министер за здравство ќе бидат повикани да присуствуваат и градоначалникот на Град Скопје и директорот на Јавното претпријатие за да се произнесат ставови во однос на воведување нови протоколи или мерки за сообраќајот во градот.