Средба со Асоцијацијата на поранешни членови на Европскиот парламент     

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари виртуелна средба со делегација на  Асоцијацијата на поранешни членови на Европскиот парламент (FMA).

Делегацијата е составена од 15 поранешни членови на Европскиот парламент од Германија, Италија, Франција, Велика Британија, Шпанија, Грција и Словенија и е предводена од Ханс-Герт Потеринг, актуелен претседавач со Асоцијацијата и поранешен претседател на Европскиот парламент.

На средбата беа разменети мислења и информации околу евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија и напредокот во клучните реформски области, како и за актуелните случувања во ЕУ од аспект на пандемијата на Ковид-19.

Претседателот Пендаровски изрази задоволство од континуираната и принципиелна поддршка што ја добива нашата земја од Европскиот парламент и истакна дека со оглед на постигнатиот напредок, Северна Македонија заслужува и е подготвена да ги отпочне пристапните преговори за членство во Европската унија, a  интегрирањето на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан во Европската Унија  е во интерес на регионалната безбедност и просперитет.

Поранешните  европратеници ги поздравија заложбите на претседателот Пендаровски за градење на добрососедски односи со сите соседни држави и посветеноста на регионалната соработка и имплементирањето на европските стандарди во земјата.

Виртуелната средба на претседателот Пендаровски со европратениците е дел од програмата – Студиска посета на Северна Македонија со цел промоција на конструктивен дијалог и поддршка на парламентарната демократија.

Треба да знаете
Последни објави