Денеска министерот Спасовски онлајн се обрати на 71 сесија на Извршниот Комитет на УНХЦР.
„Ние сме активен партнер на Обединетите нации и другите меѓународни организации и ЕУ.Со цел усогласување на нашето законодавство со регулативата на Европската унија, во 2018 година влезе во сила новиот Закон за меѓународна и привремена заштита – во голем дел е усогласен со Директивите на Европскиот Совет и Парламент, а потоа и поголем број под-законски акти. Земјата е договорна страна на сите клучни меѓународни инструменти на УНХЦР“, потенцираше министерот Спасовски.Во однос на Глобалниот Пакт за бегалци и Глобалниот договор за миграција, министерот акцентираше дека дадовме силна поддршка и заложби и дека остануваме посветени на понатамошно нивно имплементирање и унапредување.
„Во услови на глобалната пандемија со COVID-19, нашето Министерство започна да спроведува интервјуа со барателите на азил преку он-лајн платформа – притоа, бевме меѓу првите во регионот,со почитување на препораките на Европската Комисија и на здравствените власти и прописи, при што, сепак се обезбеди почитување на законските рокови и пред сè, се зачува здравјето и на барателите на азил и на нашите службеници“, истакна министерот Спасовски.
Министерот го потврди ефикасното управување со миграцијата, раното откривање и спречување на илегалните движења долж „Западнобалканската рута“ како приоритет за министерството со фокус на намалување на заканите по граничната безбедност и во функција на намалување на ризикот по животот и здравјето и истакна дека за одбележување е дека во Прифатниот центар за странци кој е во надлежност на Министерството досега не се регистрирани позитивни случаи на КОВИД-19.
„Минатите години потврдија дека успешното справување со транснационалните закани, е можно доколку и одговорот биде таков – транснационален и координиран. Меѓународно-правните инструменти на УНХЦР, а во последно време Глобалните пактови за бегалците и миграциите можат да бидат суштински за инспирирање на меѓународната заедница, за иновативни решенија при глобалното управување со миграцијата, ублажување на причините, за справување со трговијата со луѓе, организираниот криминал и можат да придонесат за спасување животи“, истакна министерот Спасовски.
Министерот на крај уште еднаш ги истакна добрата координација и соработка, размената на информации и споделената одговорност меѓу различните чинители како суштински во решавањето на актуелните глобални предизвици и ја потенцираше посветеноста на овие принципи.