Општина Кисела Вода ја одржа 43. седница на Советот, од која произлегоа повеќе битни одлуки од клучно значење за понатамошно функционирање на оваа локална самоуправа. Со поддршката на советниците, беше усвоена прераспределба на финансиските вложувања со што се овозможува реализација на повеќе инфраструктурни проекти кои долго време беа реална потреба на нашите граѓани.
Меѓу одлуките кои ќе ги издвоиме е обезбедувањето на дополнителни финансиски средства кои ќе се искористат за набавка на ИТ опрема по училиштата, нешто што е од клучна важност за најмладите, посебно во време кога целиот свет се справува со Ковид кризата.
Бенефитот ќе го почувствуваат и жителите на населбата Градинар, бидејќи е донесена одлука за изградба на фекална канализација во овој дел од Кисела Вода. Реализацијата на овој проект значи изградба на 1380 метри канализациона мрежа која ќе овозможи транспорт на отпадните води од населбата до изградените колектори по булевар Србија и покрај Усјанскиот канал.
Реконструирана ќе биде и улицата Наум Охридски во населба Црниче, во должина од околу 1000 метри. Општина Кисела Вода преку својата Програма за комунални дејности предвиде реконструкција на постојната улична мрежа која ги опфаќа коловозот и тротоарите на улицата Наум Охридски на потегот од улицата Павел Шатев до улицата Рилски конгрес. Воедно, на оваа локација ќе се изврши и санација на атмосферска канализација. Конкретно, градежните работи ќе се одвиваат по тротоарот на улицата Наум Охридски.
На вчера одржаната седница, Советот го верификуваше и мандатот на новиот советник, Ленче Костовска, од редовите на СДСМ. Костовска во Советот на општината доаѓа на местото од поранешниот советник Христина Оџаклиеска, чиј мандат престана поради избор на нова функција. И на двете, Општина Кисела Вода им честита и им посакува успех во понатамошната работа.