Собранието попладнево, во рамки на 15-та седницата, со 85 гласа „за”, без против и двајца воздржани ја донесе Предлог – одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради заштита од илегална миграција и заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација за коронавирусот Ковид-19 и спречување од негово ширење и заради висок ризик и зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија.
Со оваа одлука се одобрува продолжување на рокот за постоење кризна состојба до 31 март 2021 година со цел земјава успешно да се справи со предизвикот.
Пратениците попладнево одлучија повеќе законски решенија да се разгледаат по скратена постапка. Претседателот на Собранието Талат Џафери ги задолжи матичните комисии да расправаат за предлозите и да го информираат кога ќе бидат седниците за да може тој да ги информира пратениците за рокот на поднесување амандмани.
Собранието претпладне дискутираше за потребата од донесување Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за итно справување со Ковид-19 во Северна Македонија, по скратена постапка.
Владата предлага по скратена постапка да се донесе овој Предлог-закон. Со донесување на законот, како што се наведува, ќе се создадат услови за потпишување на договор за заем со што ќе се обезбедат 90 милиони евра за реализација на овој проект чии основни цели се да се спречи, открие и одговори на заканата од Ковид-19 и зајакнување на националните системи за подготвеност на јавното здравство во земјава.
Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива побара пауза од еден час и во процедурална забелешка рече дека овој Предлог-закон не е им даден на пратениците на албански јазик и не е преведен од македонски на албански јазик. Според него, има тешки прекршувања на албанскиот јазик од страна на Владата и Собранието.
Претседателот на Собранието Талат Џафери информира дека за продолжението на седницата, пратениците дополнително ќе бидат информирани.