Во новиот извештај на Европската комисија за напредокот на Србија, во кој ТВ N1 имаше увид, Србија доби три негативни оценки: За изборниот процес, судскиот систем и фискалните реформи.
Србија нема постигнато никаков напредок кога станува збор за изборните процеси или судскиот систем, додека умерен напредок е регистриран кога станува збор за борбата против корупцијата (структурни реформи и соработка меѓу агенциите) и реформите во јавната администрација.
Во извештајот, се наведува дека Србија постигнала напредок кога станува збор за економски и фискални прашања. Се наведува дека има намалување на буџетскиот дефицит и разумна фискална активност, но дека нема фискални реформи.
ЕК наведува дека државата сè уште е клучен играч во економската сфера, додека приватниот сектор има проблеми поради владеењето на правото.
Во извештајот се наведува и дека во Србија има намалување на невработеноста,но се посочува дека причина за ова е зголеменото иселување.
Надворешните разлики се големи, но тие се неутрализираат со голем прилив на странски инвестиции, се вели во извештајот, во кој се додава дека Србија мора да постави приоритети и контрола на инвестициите, особено на меѓудржавните.
Понатаму се нотира дека е постигнат напредок во рамките на законските одредби кога станува збор за деловна активност, заштита на интелектуална сопственост или заштита на конкуренција.
Исто така, се наведува и дека образованието е проблем, односно дека не ги исполнува барањата на пазарот.
Кога станува збор за изборите, ЕК констатира дека на сите им било дозволено да учествуваат и да водат кампања, но дека најголемите медиуми ги фаворизирале владејачките структури.
ЕК додава дека дијалогот е од суштинско значење и дека ниту една препорака од Канцеларијата за демократски институции и човекови права ОБСЕ (ОДИХР) не е исполнета, и дека составот на парламентот не одгара на политичкиот плурализам.
Се наведува и дека постои сериозна загриженост поради политичкото влијание врз судството.
Србија има делумен напредок во борбата против корупцијата, како и во борбата против организираниот криминал. Кога станува збор за корупцијата, постојат сериозни проблеми затоа што нема механизми за превенција и бројот на судењата е намален.
Во врска со медиумите, се наведува дека Србија има медиумска стратегија, но и недостаток на нејзина имплементација. Сериозна загриженост постои поради заканите, малтретирањата и насилството врз новинари.
Кога станува збор за односите во регионот, Србија е пофалена за нејзината посветеност на регионалната соработка.
ЕК констатира дека преговорите меѓу Белград и Приштина се продолжени, но дека е потребно да се постигне договор.
Србија мора да ја усогласи и својата надворешна политика со Европската унија, се наведува во извештајот на Европската комисија, до која дојде белградската Н1.