Во раните утрински часови се извршени претреси кај пет лица, во вкупно шест објекти лоцирани на подрачјата на Гевгелија, Струмица и Неготино, при тоа четири лица се приведени, едно лице е недостапно за органите на прогонот, а едно лице се наоѓа во притвор за криумчарење на мигранти во друг случај. Акцијата е резултат на десетмесечна криминалистичка истрага над организирана шестчлена криминална група, која подолг временски период делува на тeриторија на Република Северна Македонија криумчарејќи мигранти кои остваруваат нелегален влез преку грчко-македонската граница.
Организаторите на криминалната група се двајца браќа кои со умисла и од користољубие заедно со засега непознати лица од Кумановско-липковскиот Регион и од Грција, организирале криминална група во земјава. Во временскиот период од декември 2019 година до денес, осомничените организирале криумчарење на околу 150 мигранти по потекло од Авганистан, Пакистан, Ирак и други земји од Блискиот и Далечниот Исток, за паричен надомест од 500 до 700 евра по лице, при што се стекнале со значителна противправна имотна корист.
Криминалистичката истрага над организираната шестчлена криминална група, која делувала на територијата на земјава, е спроведена во изминатите 10 месеци, односно од декември 2019 година до сега. Организаторите на криминалната група се Р.В. и неговиот брат Д. В. од Богданци, кои со цел стекнување противправна имотна и материјална корист, заедно со други лица од Грција ја организирале криминалната група во земјава.
Врз основа на претходно договорен начин на комуникација и во договор со лица организатори од Грција, мигрантите биле пренесувани преку јужната граница, преку илегални премини во околината на Гевгелија, Струмица и Дојран, од каде потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, се доведувале на претходно утврдени и договорени локации.
Осомничените по претходно договорен начин на комуникација и во договор со лица организатори од Грција преку илегални премини во околината на Гевгелија, Струмица и Дојран ги пренесувале мигрантите преку грчко-македонската граница. Потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, ги носеле до претходно утврдени и договорени локации, од каде илегалните мигранти биле прифатени од страна на членовите на групата и со моторни возила биле превезувани до договорени локации во Кумановско-липковскиот Регион. Оттаму, во организација на лице кое нелегално престојува во Кумановско-липковскиот Регион, мигрантите биле времено сместувани и засолнувани во објекти на членови, соработници и помагачи на криминалната група, а потоа криумчарени преку територијата на Србија кон државите на ЕУ.
Постапувајќи по кривичната пријава, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против шест лица на возраст од 21 до 28 години. Двајцата браќа како организатори на групата се осомничени дека сториле кривично дело организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти по член 418-в став 1 и кривично дело криумчарење на мигранти по член 418-б став 3 вв став 2 и став 4 од Кривичниот законик, додека останатите четири лица се осомничени дека како припадници на групата криумчареле мигранти.
Осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје во законски предвидениот рок. Надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави предлог за определување на мерка притвор за сите осомничени лица.