Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници ќе одржат Законодавно-правната комисија, Комисијата за надворешна политика и Комисијата за финансирање и буџет.
На дневниот ред на Законодавно-правната комисија се Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование, како и предлог – законите за дополнување на Законот за студентскиот стандард и на Законот за ученичкиот стандард, сите по скратена постапка,во второ читање.
На седницата на Комисијата за надворешна политика ќе биде претставена платформата за дипломатските активности на вонредениот и ополномоштениот амбасадор на Република С. Македонија при Кралството Данска, Фатон Бејта и на вонредниот и ополномоштениот амбасадор и Шеф на Мисијата при НАТО на Република С.Македонија, со седиште во Брисел, д-р Дане Талески.
Пред членовите на Комисијата своите платформи ќе ги претстават и вонредниот и ополномоштениот амбасадор на Република С.Македонија во Државата Катар, Шабан Јашари, вонредниот и ополномоштениот амбасадор и постојан претставник на мисијата при Организацијата на обединетите нации во Женева, Теута Агаи-Демјаха, вонредниот и ополномоштениот амбасадор во Република Албанија, Данчо Марковски, вонредниот и ополномоштениот амбасадор во Република Казахстан (Нур Султан), Сали Лимани, како и вонредниот и ополномоштениот амбасадор на Република С.Македонија во Република Косово, Шпреса Јусуфи, и вонредниот и ополномоштениот амбасадор при Светата Столица, Марија Ефремова.
Најавено е и претставување на платформата за дипломатските активности на вонредниот и ополномоштениот амбасадор на Република С.Македонија во Република Чешка, Сашко Тодоровски, на вонредниот и ополномоштениот амбасадор на Република С.Македонија во Jапонија, Горан Цеков, на вонредниот и ополномоштениот амбасадор и постојан претставник при Советот на Европа на Република С.Македонија во Стразбур, Светлана Гелева, на вонредниот и ополномоштени амбасадори на Република С.Македонија во Белград, Република Србија, Васко Грков, во Канбера, Комонвелт Австралија, Билјана Стефановска Сековска, во Кралството Холандија, Бети Јачева и
на вонредниот и ополномоштениот амбасадор на Република Северна Македонија во Република Естонија, Драган Јордановски.
На агендата на седницата на Комисијата за финансирање и буџет е Предлог -законот за изменување и дополнувањe на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, по скратена постапка, во второ читање.
Пратениците ќе дискутираат и по Предлог – законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за итно справување со COVID-19 во Северна Македонија, по скратена постапка, во второ читање.