Македонскиот полициски синдикат, како единствен репрезентативен синдикат на работниците од Министерството за внатрешни работи, најостро реагира на наводите објавени на 05.10.2020 година од страна на “мала група на вработени во МВР” и истите категорично и целосно ги отфрла како невистинити и тендециозни, и бара јавно извинување за објавениот текст
Сакаме да ја запознаеме јавноста и вработените во МВР дека не е точна информацијата дека Македонскиот полициски синдикат не преземал адекватни и навремени мерки во однос на претставката поднесена на предметната тема
Имено, претставници од највисокото раководство на Македонскиот полициски синдикат
(за разлика од малата група вработени кои милуваат себеси да се нарекуваат синдикат и на кои им прејде во навика да објавуваат непроверени информации и со тоа да ја замајуваат јавноста,надевајќи се дека притоа ќе добијат некој поен а притоа не размислувајќи за штетата која индиректно ја нанесуваат со изнесувањето на таквите лаги инсинуации и невистини)
и пред неколку месеци на барање на член на МПС а и денес спроведоа контролна посета на канцелариите и лабораториите во ОКТИВ при што беше утврдено следното:
Со целокупниот доказен материјал во ОКТИВ, се постапува согласно соодветни протоколи за постапување со службени акти и предметен материјал, при што ОКТИВ воедно се раководи и од најдобрите практики во форензичкото работење. Тоа е случај и со биолошкиот материјал, кој заради формата и начинот на кој се чува и е депониран, впрочем како и во секој друг форензички ентитет, не претставува ризик по здравјето и животот на луѓето.
Опасниот отпад кој се создава во ОКТИВ (хемиски и медицински), се третира исто така согласно соодветни протоколи за постапување со лабораториски отпад.
Овој отпад се пакува во соодветна амбалажа за чие отстранување се грижи овластена фирма со која Министерството за внатрешни работи има склучено договор за собирање и транспорт.
Наведените протоколи се дел од системот за квалитет на ОКТИВ, имплементиран согласно барањата на меѓународниот стандард ИСО 17025, а постапувањето со отпадот и доказниот материјал е предмет на редовна годишна проверка во рамките на процесот на акредитација на ОКТИВ која го спроведува Институтот за акредитација на Република Северна Македонија.
Потребно е да се истакне дека форензиката како дисциплина, континуирано се развива, пред се заради силната динамичност во новите методи, техники и технологии, како и побарувањата за подобри услови кои произлегуваат од истите, така што секој форензички капацитет работи во постојните, а се стреми кон подобри услови, гледано од секој аспект.
Во тој контекст, и во ОКТИВ се очекуваат промени во начинот на постапување со доказниот материјал кои ќе произлезат од условите во новиот објект кој веќе е проектиран и е во фаза на градба.
Македонскиот полициски синдикат, Ви стои на располагање и е отворен за какво било појаснување или одговор во секое време, пред да се пласираат неточни информации во јавноста, кои внесуваат забуна, паника и се на штета на Министерството за внатрешни работи