Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во перидот јануари ‒ август 2020 година, изнесува 3.890.018 илјади американски долари и бележи пад од 18,1 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 5.225.717 илјади американски долари, што е за 15,6 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во перидот јануари ‒ август 2020 година, изнесува 1.335.699 илјади американски долари,објави Државниот завод за статистика..
Покриеноста на увозот со извоз, во перидот јануари ‒ август 2020, изнесува 74,4 отсто.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).
Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари ‒ август 2020 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.