Единаесет жени кои основале и управуваат со компании добија финансиска поддршка од економската мерка насочена кон поддршка на жените претприемачи, во рамки на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2020 година.
Поединечно, секоја од овие 11 компании ќе биде потпомогната со една до две илјади евра во зависност од апликацијата. Се субвенционираат 50 проценти од докажаните трошоци на компаниите, но не повеќе од 120 илјади денари по апликант.
Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска им ги врачи решенијата и посочи дека Министерството во целост ја спроведува Стратегијата за поттикнување на женското претприемништво.
– Денеска имав прилика да потпишувам 11 решенија што покажува уште еднаш дека Министерството за економија во целост ја спроведува Стратегијата за поттикнување на женското претприемништво, рече Бектеши на прес-конференција по врачувањето на решенијата.
Наведе дека од годинава воведени се и стимулативни мерки и оти бројот на жените претприемачи е зголемен за 16 отсто во споредба со минатата година.
Од следната година освен што ќе ја зголеми сумата за поддршка на жените препритемачи, истовремено ќе се креираат и нови мерки.
Розе Поповска од Куманово, добитник на финансиската поддршка и сопственик на козметичкото студио „Ласер естетик”, посочи дека жените многу се докажуваат во сферата на економијата, но оти сепак мажите уште се тие кои ја водат оваа област.
-Како жена претприемач можам да кажам дека жените многу се докажуваат во сферата на економијата но сепак мажите уште се тие кои го водат тоа. Голема благодарност до Министерството што во овие услови кога многу ни опадна работата, ни ја додели оваа помош, изјави Поповска.