Горан Пандев е во Скопје и утре ќе игра за Македонија против Косово по патешествието што го мина за сепак да настапи на историскиот меч.
Капитенот на нашата репрезентација им се заблагодари на луѓето од нашата дипломатија, особено на претставниците на Македонија во Италија, на селекторот Игор Ангеловски, на дел од претставниците во Фудбалската федерација, но и истакна дека е и разочаран од одреден круг луѓе.
Во таборот на неговиот клуб Џенова букна пандемијата со заразени од ковид-19, но сепак се најде начин најстариот клуб во Италија да постапи џентлментски и со помош на одредени луѓе капитенот да дојде во Скопје.
„Им се заблагодарувам од срце на сите што ми помогнаа да го играм историскиот меч со Косово. Луѓето од нашата дипломатија во Италија, селекторот Ангеловски, докторот, луѓето што работат во Федерацијата и уште многумина што придонесоа да бидам тука и да играм за Македонија. Сепак, не можам да премолчам дека имаше луѓе што не се јавија ниту да прашаат како сум. Но, да заборавиме на нив и сега е најважно да забележиме успех против Косово. Знаеме што носи овој натпревар. Имаме доста искуство, жално е што нема да има публика. Моја желба беше токму овој меч да го одигран пред публика, но што е тука е. Одиме на победа. Секако дека сум емотивен за овој момент, за овој меч. На овој народ му требааат вакви моменти и едно можам да ветам, дека ќе го оставиме срцето на терен за да го израдуваме македонскиот народ. Нијанси ќе го одлучат мечот, но ние се подготвуваме како и за сите мечеви, изјави Пандев.
Утре од 20.45 часот иако не е во целосен тренажен процес поради пандемијата, Пандев би требало да биде во стартната постава во полуфиналето со Косово и да не води до евентуално финале во Сегментот Д од Лигата на нациите против победникот од дуелот Грузија – Белорусија.