Демократскиот сојуз смета дека последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија е објективен и претставува реална слика за состојбите во државата. Во него се потенцира напредокот во неколку области, но се нотираат и серија слабости во повеќе сегменти на општеството. Како и години наназад, во Извештајот доминираат критиките за неефикасната борба против корупцијата, слабата контрола врз полицијата и немањето реформи во јавната администрација.
Во контекст на најновиот документ на Комисијата, Демократскиот сојуз потсетува на своите програмски приоритети, кои целосно се совпаѓаат со забелешките изнесени во Извештајот.
Пред сé тоа е неопходноста од уставни промени со цел зајакнување на одговорноста на извршната власт, преку што би се зајакнала самостојноста на институциите надлежни за откривање и спречување на тешките облици на криминал. Тоа е единствениот начин за создавање предуслови имунолошкиот систем на државата да профункционира.
Само така може да се започне неселективна и робусна борба против криминалот и корупцијата, создавање систем за детекција на скриениот имот на функционерите и носителите на организиран криминал, конфискација на криминално стекнатиот капитал и забрана на политичко дејствување од најмалку 10 години.
Неопходни се системски промени заради департизација на сите институции, а првиот чекор во тој правец мора да биде инсталирањето на институтот „јавен конкурс при поставувањето директори на јавни претпријатија, државни секретари и слично, додека приемот на работа во администрација да се одвива врз основа на цврсти критериуми.
Демократскиот сојуз изразува оптимизам дека до крајот на годината, за време на германското претседателство, ќе започнат пристапните преговори со ЕУ.