Министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалникот на Дојран Анго Ангов денеска го посетија основното училиште „Кочо Рацин“ во Нов Дојран каде се одвива настава со физичко присуство на ученици од прво до петто одделение. Увид како стартуваше учебната година направија и во новото училиште во Ѓопчели, во кое се инвестирани 4,5 милиони денари и на децата им се обезбедени современи услови за образование и развој.
„ Инвестициите во објекти сами по себе не се доволни, ако како Влада не инвестираме во наставниот кадар, затоа што наставниците ни се најважната алка во пренесувањето на знаењето на децата”, рече Царовска.
Пандемијата ни покажа дека наставниците не се важни само како партнери во училницата, туку нивното место е незаменливо и во поддршката, мотивацијата, лидерството, иновацијата и креацијата на нови начини на работа, нагласи Царовска.
„ Навистина ми е драго што токму во ова училиште децата ја следат наставата на еден од јазиците на етничките заедници односно Турскиот јазик, и она што сакам да го потенцираме е дека Вие наставниците ги учите децата на толеранција, ги учите на мултикултурализам. Ако Вие создавате заедништво, и ако ги учите да се грижат едни за други, да учат едни од други, тогаш создаваме едно општество за сите“, рече Царовска.
Министерката во обраќањето апелираше до наставниците и учениците да ги почититуваат заштитните мерки и протоколи од Ковид-19 бидејќи веќе 53 и 8 наставници се во изолација.
Градоначалникот Ангов рече дека во новото основно училиште настава со физичко присуство следат 21 дете до петто одделение, училиштето е направено со средства обезбедени од ООУ „Кочо Рацин“ преку блок дотации од МОН и Општина Дојран.
На настанот присуствуваше и заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусеин.