Во последните 24 часа во Велика Британија се пријавени 17.540 нови случаи на коронавирус, што е најголем дневен број од почетокот на пандемијата.
Според Министерството за здравство, во земјата минатиот ден починале 77 лица, со што вкупниот број смртни случаи од Ковид-19 достигна 45.592. Од почетокот на пандемијата во Велика Британија се регистрирани вкупно 561.815 случаи.
Во последните 24 часа извршени се над 254.000 теста, со што вкупниот број тестови достигна повеќе од 24,3 милиони.
Бројот на заразени на дневна основа првпат надмина 17.000, што ги загрижи локалните власти и здравствените експерти.
Д-р Ивон Дојл, шеф на Агенцијата за јавно здравје, предупреди на значително зголемување на бројот на лица заразени со коронавирус во последните неколку дена.
„Гледаме постојан пораст на случаи и на пациенти примени во болниците. Трендот е многу јасен, но исто така и многу загрижувачки“, рекла Дојл.
Британските медиуми наведуваат дека поради зголемувањето на бројот на заразени лица, нови ограничувања може да се воведат веќе следната недела.