Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва во вестите на телевизијата „Сител”, истакна дека уставното загарантирано право за неповредливост на домот останува и оти од тој аспект полицијата не може да делува. Единствено може да делува по пријава од соседите, рече министерот, коментирајќи ги предлозите на Комисијата за заразни болести да се забранат големи семејни собири и прослави во домовите и групирање по 22 часот, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
– Од Комисијата за заразни болести се нудат одредени предлози да имаме некаква рестрикција, која ќе помогне во спречување на ширењето на коронавирусот. Јас очекувам тие предлози да стигнат на седница на Влада за кои ќе разговараме. Ваквиот предлог веројатно е базиран на податоците за случаите кои се позитивни токму од таквите групирања во домашни услови на семејни веселби. Секако дека уставно загарантираното право за неповредливост на домот останува и тука не може да делува полицијата. Меѓутоа, многу е поважно да разбереме, дека групирањето, прославите во домашни услови, претставува најголем ризик. Токму поради тоа, треба да се преземаат некакви мерки, рече министерот Спасовски.
Тој појасни дека доколку постои некаква пријава, полицијата ќе треба да се делува, меѓутоа со запазување на уставните начела кои ја гарантираат неповредливоста на домот.
– Таквите активности ќе мора да ги спроведуваме во соработка со јавното обвинителство, заеднички, се со цел да оневозможиме или да ја намалиме можноста за ширење на коронавирусот, истакна Спасовски.
Тој, како што рече, лично е повеќе за превентивни мерки, а не за строги рестрикции.
– Мораме да признаеме дека во овој момент постои едно опуштање. Како сите да подзаборавивме што може да донесе ширењето на болеста во поголем обем. Поминавме низ тие рестриктивни мерки, знам дека тоа е сериозен проблем за граѓаните. Меѓутоа, мораме да разбереме и да бидеме свесни дека ширењето на болеста придонесе да имаме сериозни рестрикции. Ако не сакаме да се вратат тие мерки, ќе мораме сите заедно да се посветиме максимално на повисоко ниво на свесност да си помогнеме заеднички и да се намали обемот на ширењето на Ковид-19, вели Спасовски.
Во врска со задолжителното носење на маска на отворен простор, Спасовски смета дека од оваа мерка треба да бидат изземени само за оние кои професионално се занимаваат со спорт и имаат секој ден тренинзи.
– Податоците, кај нас и во светот, покажуваат дека заштитата со маска е поголема. Со неносењето маска го загрозуваме личното здравје и здравјето на другите, потенцира Спасовски, кој информира дека периодов е зголемен бројот на прекршоците за неносење маска.
Првиот човек на МВР рече дека полицијата е подготвена да одговори на секој предизвик, што се покажува и во изминатиот период.
– Без разлика какви одлуки ќе бидат донесени, полицијата е максимално подготвена да ги спроведе тие одлуки, дали ќе биде тоа полициски час, дали ќе биде поголема контрола примена на другите мерки за спречување на ширењето на Ковид, ние ќе бидеме подготвени без калкулации. Тоа е многу важно во вакви состојби, рече Спасовски.
– Нема поважно од здравјето и животот на граѓаните, истакна министерот.
Во врска со забавите кои се организираа во угостителските објекти, Спасовски вели, дека полицијата покажала бескомпромисна борба.
– Ние имаме премногу малку, би рекол, механизми коишто стојат на располагање и до инспекциските служби пред сè во државата и до МВР. Меѓутоа она што се случуваше и како беше санкционирано во еден од скопските локали каде што се организираа овие настани и каде што не се почитуваа протоколите направивме поголема контрола и поопсежна контрола. Значи не беше проблемот организацијата, беше проблемот непочитувањето на протоколите. Таа вечер се издаваа платни налози, казни и за посетителите оние коишто се групираа повеќе на масите, оние коишто не ги почитуваа препораките, секако дека кривични пријави заработија и сопствениците односно организаторите на таквите настани, истакна Спасовски.