Селекторот на македонската фудбалска селекција, Игор Ангеловски-Мрме, не ја криеше среќата по вечерашната победа над Косово со 2-1.
Ангеловски беше дочекан со аплауз од присутните новинари на прес-конференцијата по големата победа над Косово, а потоа тој им се заблагодари на медиумите за поддршката кон репрезентацијата пред овој важен меч од Лигата на нации.
Желбата на Ангеловски е пласман на Европското првенство, а тоа го потенцираше и по триумфот во полуфиналето.
– Вечерва нека се радува Македонија, но од утре мора да се спуштиме на земја, бидејќи се уште не сме направиле ништо, а имаме и нов натпревар по два дена.
– Што се однесува до натпреварот против Косово, требаше да го решиме победникот, имавме неколку шанси, а на крајот го имавме и Столе кој не спаси, се претвори од трагичар во херој. Имавме простор и моравме да ја обезбедиме победата порано…
– Оваа репрезентација направи победнички менталитет, се враќавме против Италија и Словенија, а денеска не загубивме глава по примениот гол. Тоа е заслуга и на фудбалерите и нивната работа во клубовите, бевме добро психолошки подготвени да се издигнеме и во ваква ситуација.
Следен и последен противник на Македонија е селекцијата на Грузија.
– Во финалето ќе одлучуваат нијанси, а јас посакувам пред се да ги имаме на располагање сите фудбалери, бидејќи секое отсуство се чувствува во нашата игра.