– Охридското Езеро вчера беше порибено со 1,7 милиони единки подмладок на ендемичниот вид охридска пастрмка, обезбедени од мрестилиштето кај Лин на албанска страна.
На порибувањето присуствуваа и министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и неговиот албански колега Бледи Чучи.
Вчерашното порибување го заокружува процесот на порибување на Охридското Езеро со пастрмка согласно обврските што ги има преземено албанската држава за одржување на рибниот фонд на езерото.
Албанскиот министер Чучи истакна дека процесот на порибување се спроведува на начин што од рибарите се откуупваат заловените полово зрели единки кои после измолзувањето на икрата се враќаат назад во езерото.
На средбата на министрите нагласена е потребата од справување со појавите на илегален риболов на двете страни од езерото, преку соработка на сите нивоа на управувањето со ревирот. Во таа насока е најавено потпишување билатерален договор за заедничко одржливо управување со риболов на Охридското Езеро и Голема Преспа.