Неодамнешниот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија, билатералната соработка, како и моделите за справување со предизвиците од пандемијата предизвикана од коронавирусот, се дел од темите на кои се разговараше на денешната видео-средба на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров со државниот министер за европски прашања на Ирска, Томас Брн.
Вицепремиерот Димитров се заблагодарил за континуираната ирска поддршка за евроинтегративниот процес и потсетил дека како силен поддржувач на процесот на проширување, Ирска има посебно место во македонската европска агенда.
– Нашата европска приказна започна токму за време на ирското претседавање со Унијата, кога во 2004 год. во Даблин ја поднесовме апликацијата за членство во ЕУ. Оттогаш, ирските пријатели континуирано се залагаат за она што сега ни е на дофат, а убеден сум дека ќе бидат покрај нас и по отпочнувањето на преговорите, секогаш споделувајќи искуства и знаење, истакнал Димитров.
На средбата, како што соопштуваат од Секретаријатот за европски прашања, се разговараше и за пренесување на ирското долгогодишно, плодно искуство во искористувањето на ЕУ фондовите. Заеднички беше констатирана и одличната соработка во рамките на ИПА-инструментите, особено соработката со Ирскиот институт за јавна администрација, заеднички залагајќи се за што поскоро нејзино реактивирање.