Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денеска изјави дека не мора да каже каков е одговорот на Србија ако некој мисли дека пораката до Белград треба да биде „признајте го Косово и нема да добиете ништо, а вашиот народ ќе биде изложен на погром како на 17 март 2004 година”.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ со ова ја искоментира изјавата на специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, кој кажа дека од него очекува „далекусежна” одлука за косовското прашање, и дека Вучиќ со право се прашува „дали ЕУ за возврат нуди европска перспектива и колку од оваа европска перспектива ќе добиеме”.
„Србија секогаш е подготвена да разговара за различни компромисни решенија, но тоа мора да биде компромис, а не ултиматум”, оцени Вучиќ.
-Се надевам дека ЕУ ќе разбере дека не може некој да го потпише договорот во Брисел под покровителство на ЕУ и потоа да донесе резолуција со која ќе ја негира Заедницата на српски општини (ЗСО) и ќе каже дека никогаш нема да го прифати тоа или бара од Србија да ја признае независноста и потоа да формира ЗСО, кажа Вучиќ.
Тој оцени дека позицијата на специјалниот претставник на ЕУ за дијалог „не е лесна” кога, ќе добие порака од Приштина дека нема ниту да разговараат за она што го потпишаа пред седум години во Брисел.
-Суштината е во тоа што Албанците очекуваат дека некој ќе изврши притисок врз Србија. Очекувам дека големите земји, а не Лајчак, ќе ни кажат во иднина ако го прифатите ова и тоа, ние ќе ве тапкаме по глава и ќе ви кажеме дека сте малку поголем демократ или ако не прифатите, ќе кажеме дека сте автократ, изјави Вучиќ.
Лајчак за австрискиот Виенер Цајтунг, на прашањето дали за договор има недостиг на мотивација, бидејќи земјите од ЕУ не се заинтересирани за прием на нови членки со години, што беше критикувано и од Александар Вучиќ, оцени дека српскиот претседател „поставува легитимно прашање”.
Лајчак оцени дека најтешко било „да се започне дијалогот воопшто” и повтори дека целта е обврзувачки сеопфатен договор.
-Во моментов разговараме за многу сложени теми, вклучително и за финансиските побарувања и правата на сопственост, кажа Лајчак.
Тој го посочи прашањето за ЗСО, кое е договорено во 2013 и 2015 година и кое не е спроведено.
-Ова е многу чувствителна тема за која се огласи и Уставниот суд на Косово – ова мислење мора да се земе предвид. Но, ги прашувам оние што велат дека сега не е време за тоа: ‘Кога, ако не сега? Па, вие сами го потпишавте договорот, кажа Лајчак.
Според него, за време на претходната ЕК, политичката визија била изгубена, доминирале технички детали, а тоа се почувствувало и во земјите од Западен Балкан.
-Но, преговорите со Северна Македонија и Албанија наскоро треба да започнат, воведена е нова методологија во разговорите за проширување. Политичката визија е повторно тука, додаде Лајчак.