Заев: Далекуводот Неокази-Пробиштип носи бројни придобивки за граѓаните и реалниот сектор

Претседателот на Владата на Република Севернa Македонија, Зоран Заев, го означи стартот на работа на далекуводот Неокази – Пробиштип, и заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и генералната директорка на АД МЕПСО, Ева Шуклева ја истакнаа важноста на оваа успешно завршена инфраструктурна инвестиција.

Премиерот Заев истакна дека со денешното пуштање во работа на втората делница на далекуводната врска меѓу трафостаниците Неокази и Пробиштип, која е дел од новоизградениот 110 kV далекувод, на дело се покажува дека се реализираат ветените развојни проекти.

„Денешната посета има за цел да ја потенцира нашата заложба за инвестиции во енергетската инфраструктура кои на долг рок значат подобрување на животниот стандард. Со реализација на овој проект, ја јакнеме преносната мрежа и создаваме погоден инфраструктурен амбиент за сите потенцијални инвеститори кои можат и знаат како да ги искористат економските потенцијали на овој регион. Оваа инвестиција, ќе донесе бројни придобивки како за населението, така и за реалниот сектор. Новата и модернизирана дистрибутивна мрежа значи инвестиција во подобро утре и олеснување на животот и работата на населението од источниот дел на земјата. Нашите заложби како Влада, во континуитет се насочени кон создавање на подобро деловно опкружување се со цел да се зголеми економскиот потенцијал, да се подобрат условите за работа, да се отворат нови работни места, како и да се привлечат потенцијални инвеститори во регионот за раст на локалната економија. Тоа пак,  дава импулс за зголемување на бруто-домашниот производ,  со што создаваме поквалитетна сегашност и просперитетна иднина”, изјави премиерот Заев и додаде дека со оваа капитална инвестиција, во вредност од 2,45 милиони евра, создадени се услови за целосна енергетска функционалност на индустриската зона Неокази, во која веќе има еден голем инвеститор од метало-преработувачката индустрија.

Министерот Бочварски посочи дека инвестициите во електро-преносниот систем се од клучно значење за севкупниот стопански развој на државата, со цел Владата да стимулира економски раст и одржување на стабилност во енергетскиот сектор.

„Овие инвестиции се неопходни заради модернизација на електро-енергетските постројки. Ова е еден од проектите што го решава прашањето меѓу Штип и Пробиштип, а по издавањето на градежната дозвола продолжува инвестицијата за изградба на далекуводот од Штип до Овче Поле, а потоа и до Скопје. Со тоа енергетски го стабилизираме целиот овој регион и целата држава, а тоа е многу важно, бидејќи и домашните и странските компании кога доаѓаат во државата покрај квалитетна инфраструктура бараат и стабилна енергетска мрежа”, рече Бочварски и додаде дека се прават подготовки за почеток на изградба и на далекуводот од Битола и негово поврзување со Албанија.

Директорката Шуклева рече дека oд енергетски аспект, АД МЕПСО со новата инвестиција ги сведува на минимум трошоците за одржување на опремата и што е поважно – ризиците од испади во електропреносната мрежа.

„Новата опрема за управување во трафостаницата Неокази овозможува локално и далечинско командување. Инсталиран е локален SCADA систем кој освен што овозможува командување од командно-контролниот пункт во трафостаницата, овозможува и далечински надзор и управување во реално време со трафостаницата од Националниот диспечерски центар во Скопје. Во оваа трафостаница се инсталирани и ставени во функција и нови системи за мерење на електричната енергија, систем за релејна заштита, како и нов систем за сопствено напојување со кој се обезбедува непрекинато напојување на опремата со цел истата да се управува и во услови на безнапонска состојба”, изјави Шуклева.

Менаџментот на АД МЕПСО, заедно со изведувачот и подизведувачите на работите, во вонредни услови предизвикани од актуелната КОВИД-19 криза, во рок од неполна година го изградија во целост и го ставија во функција овој значаен електроенергетски објект.

Инвестицијата е поддржана од Европската банка за обнова и развој.

Треба да знаете
Последни објави