Популацијата на кучиња, особено на салонските раси, е неколкукратно зголемена во Скопје за само неколку години. Се почесто се сретнуваат малтезери, бишони, шицу, јоркширски териер, западношкотски териер, померанци, златни ретривери….Чувањето на овие раси на кучиња и работните обврски на сопствениците несомнено ја наметнаа потребата од отворање на специјализирани фризерски салони, но и градинки каде милениците можат да се остават на чување во текот на денот.
Бенефитот е тоа што кучињата не остануваат сами дома и не прават неред изразувајќи го така револтот бидејќи се оставени сами, туку се дружат со останатите кучиња и на тој начин се социјализираат.
– Кучињата се социјални животни за кои интеракциите со другите се исто важни како и за човекот. Во градинките, кучињата избегнуваат депресија од самотија и агресивно посесивно однесување бидејќи се секојдневно во друштво со други кучиња од блиски раси и се негувани од страна на стручни лица кои константно го следат нивниот психо-физички развој. Преку игра работиме со кучињата и делумно со сопствениците на континуиран напредок во поглед на однесувањето и созревањето на кучето кое ќе добие едукација за недеструктивно однесување, хигиенски навики, социјализација со други кучиња, животни и секако луѓе, во тотално безбеден и пријатен кадар, вели Илија Петковски, сопственик на едукативна градинка за кучиња и на салон за домашни миленици.
Искуството за работа со миленици, Петковски го има стекнато во Франција и по неговото враќање во земјава се обидува искуствата од таму, да ги пренесе во сопствената држава. Така, салонот за шишање е опремен со специјална СПА када, која не само што служи за опуштање на кучето, туку и за физикална терапија доколку кутрето е повредено.
Во разговор за МИА, Петковски вели дека градинките за домашни миленици веќе стануваат реална потреба бидејќи сопствениците немаат каде да ги остават додека се на работа или имаат други обврски во текот на денот.
– Денешната конфигурација на чување на куче е темелно поразлична од онаа која ја знаевме до пред само неколку години. За разлика од традиционалната асоцијација помеѓу двор, ланец и куче кое илустираше наменска потреба од безбедност, денес правиме сосема поинаква и потемелна асоцијација помеѓу дете и куче, осаменост и куче, мода и куче или накратко љубов и куче. Таа љубов може да се претвори во омраза посебно при првите месеци кога кучето си го пронаоѓа местото во семејната глутница, ние не му посветуваме доволно внимание и немаме прилагоден пристап па тоа чеша заби од чевли, ѕидови, врати, мебел и глуждови. Во тој период, соседите се под притисок на завивање и квичење. Тогаш кучето врши нужда на сосема неприлагодени места во нашиот дом кој сфаќаме дека е сосема небезбеден за него во наше отсуство па голем број труења се случуваат токму дома. Во тие моменти гледаме дека сме во недостиг на авторитет и време за создавање на најважните навики за остатокот од животот : секојдневно чешлање, лична хигиена, социјализација со други кучиња и луѓе, културно однесување на јавни места, појаснува Петковски.
За правилен развој на кучето најважна е првата година. Во првите осум месеци се создава карактерот на кучето и тој си го наоѓа своето место во семејството.
– Градинката за кучиња „ТУТУ” денес е единствено место во Скопје каде кучето на било која возраст може да добие секојдневна нега на крзното со професионално секојдневно чешлање, нега на кожата со најдобрата француска органска козметика, одржување на хигиената на ноктите, ушите, очите и во исто време едукација, социјализација, култура на однесување на јавни места и поднесување на осаменоста без негативни последици. Целта е да се ублажи отсуството на сопствениците преку професионална придружба и психо физичка подршка на кучињата, вели Петковски.
Сепак, негова препорака е домашниот миленик да ги помине попладнето и ноќта заедно со семејството заради, како што вели, зачувување на рамнотежата и навиките.
Концептот на градинката е таков што освен згрижување и социјализација, нуди и третман на влакното на кучето, па така сопственикот го зема домашниот миленик комплетно среден.
Со цел да се создаде вистинска интеракција меѓу сопственикот и домашниот миленик, идејата на Петковски е во иднина да организира и обуки за сопствениците за тоа како правилно да го чешлаат своето куче и со кои помагала, како да го негуваат влакното на кучето, како да му дадат таблета, да ги разберат пораките кои ни ги испраќа кучето, да научат како правилно да аплицираат ампула или како да се однесуваат при напад од други кучиња, како да се препознае присуство на внатрешни и надворешни паразити… толку многу теми на различни атељеа во текот на целата година.
Домашните миленици, вели Петковски, заслужуваат екслузивен третман и затоа мотото на целиот тим, кој работи во градинката и во салонот за шишање е „Благи француски методи преку игра без употреба на агресија”.
Во салонот за шишање, домашниот миленик не се меша со други кучиња, а дозволено е и присуство на сопственикот бидејќи во стресни моменти како што се капењето и шишањето, кучето наоѓа утеха и подршка во дланката на својот сопственик.
– Третманот генерално трае како и во европските салони околу еден час, колку што е и трпението на кучето, посебно кога е младо. Кучето е нашиот најдобар пријател на кого нашето присуство му носи рамнотежа, смирување и хармонија. Во стресни моменти како што се капењето во недомашни услови, фенирањето и самиот чин на мирно стоење при шишање, кучето посебно кога е младо си наоѓа утеха, охрабрување и подршка во погледот и дланката на својот сопственик. ТУТУ салоните во своите приоритети при шишањето на прво место ја ставаат благосостојбата на кучето преку пријателските методи во соработка со сопственикот без насилство (физичко, психичко или хемиско со седација). Во ТУТУ не постои со сила-убавина и сме подржувачи на движењето PETA : no excuse for animal abuse, појаснува Петковски.
На идните сопственици им порачува пред да се одлучат да чуваат куче, да се потпрат на професионален и објективен совет од одгледувачниците, стационарите, ветеринарниот доктор, продавачот во Пет шоп, дресерот, вработениот во пансион или фризерот..
– Наједноставен разговор со целото семејство и со блиски кои живеат со куче ќе Ви помогне да го направите вистинскиот избор каква раса на куче да купите или пак да посвоите љубов и спасите живот, советува Петковски.
Смета дека генерално се уште недостига висока култура за чување на куче, но дека сепак се бележат позитивни промени како во поглед на заинтересираноста и грижата на сопствениците, така и во поглед на понудата, квалитетот и професионалноста што ја нудат ветеринарните амбуланти, пет шоповите и фризерските салони чиј број е дуплиран за помалку од две години.
– Сите овие нови позитивни трендови во сферите поврзани со домашните миленици ќе придонесат за создавање на критичната маса која сега ни недостига и ќе помогне да се влијае кон добивање на квалитет во чувањето и грижата на домашните миленици а преку тоа и можеби во односот помеѓу самите луѓе, нагласува Петковски, во чиј фризерски салон по примерот на Париз веќе домашните миленици се шишаат на излог.