Викенд 10,11 И 12 Октомври: Преку новата Школа за непрофесионален аматерски филм „Стефан Сидовски-Сидо” до создавање идни млади автори во оваа област

Северна Македонија е мала земја, но има голем уметнички потенцијал. Младите се жедни за нови знаења и искуства и имаат полетност и енергија, а својот интерес го покажаа на Школата за непрофесионален и аматерски филм „Стефан Сидовски-Сидо” што се одржа во Стоби во организација на Народна техника на Македонија и Киносојузот на Македонија со поддршка од Општина Градско и Националната установа Стоби и која е можност за создавање нови идни автори.

Школата е во чест и сеќавање на нивниот долгогoдишен активист и колега автор, режисер и глумец во неговите непрофесионални аматерски филмови, професор и долгогодишен член на жири-комисијата. Организаторите планираат да прерасне во традиционална и да се одржува континуирано секоја година и преку неа тие да откриваат нови – млади таленти на македонскиот непрофесионален – аматерски филм.

На школата од 46 пријавени најдобри основци и средношколци од оваа област поради протоколите со КОВИД-19, организаторите за годинава одбраа да учествуваа 13 учесници. Тоа беа ученици, основци и средношколци од девет града во земјава од Велес, Градско, Скопје, Битола, Струмица, Свети Николе, Куманово, Кавадарци и Демир Хисар.

Како што информира за МИА, Пере Митрев, директор на Народна техника на Македонија, учесниците првиот ден на Школата добија теоретски информации од искусните предавачи и автори за тоа што е непрофесионален аматерски филм, а вториот ден работеа на своја идеја, потоа снимаа на терен во археолошкиот локалитет Стоби и на крајот го монтираа снимениот материјал.

– Според своја процедура ги избравме најдобрите ученици во оваа област и се потрудивме да има претставници од различни градови. Покрај големиот интерес поради специфичноста на ситуацијата со КОВИД-19 моравме да селектираме и да избереме само 13 учесници. Целта е учениците од основните и од средните училишта од земјава да добијат сознанија и едукација од областа на филмот, а потоа и самите да почнат да прават вакви филмови. Воедно се надевам дека во иднина некои од нив ќе станат познати филмски работници. Затоа што сите професионалци започнале со аматерски филмови, а потоа продолжиле и станале познати во професионалниот филм, појасни Митрев.

Инаку предавачи на Школата беа искусни автори на непрофесионалниот аматерски филм во земјава, а кои воедно се и добитници на бројни домашни и меѓународни награди и признанија: Стефан Хаџи Андоновски, Диме Талевски, Петре Чаповски и познатиот камерман Васко Проевски.

За добар филм треба добра идеја

Стефан Хаџи Андоновски од Битола, професор по пензија и врвен автор на бројни непрофесионални филмови, фотограф и снимател, предавач на Школата, за МИА појаснува дека за добар филм најпрво е потребна добра идеја, како и сценарио и синопсис.

Тој вели дека преку оваа тимска работилница, односно Школата има за цел да ги едуцира младите од земјава да научат да прават добри непрофесионални филмови од сите категории, а меѓу кои и документарни. Потоа со нив да учествуваат на домашни и меѓународни натпревари. Тој потенцира дека тоа било и мото на Стефан Сидовски-Сидо.

– Фестивалите се место за презентација на нашите дела од нас аматерите без разлика на возраста, а кои потоа треба да ги оцени жири-комисијата и публиката, појаснува Хаџи Андоновски.

Монтажата е важна како и снимањето на филмот

Диме Талевски од Битола, искусен и наградуван автор во областа на непрофесионалниот аматерски филм и предавач на Школата, во разговорот за МИА информира дека ако за некој филм снимањето трае една година, монтажата може да трае и година и пол.

– Затоа децата ги учиме дека колку што е важна идејата за филмот и самото снимање, толку многу важна е и монтажата, потенцира Талевски.

Тој е добитник на повеќе награди и признанија меѓу кои и наградата „Камера 300″ на ланскиот Интернационален фестивал на непрофесионален аматерски филм во Битола, за документарецот „Литија”.

– Затоа по теоретскиот дел и снимањето на терен на филмот посебно внимание во обуката на учесниците посветивме на самото монтирање на филмот. За добар филм е потребна добра монтажа, која се работи со многу трпение, труд и време, појасни Талевски.

Учесниците на Школата навлегоа во тајните и го засакаа снимањето непрофесионални аматерски филмови

Учесниците на Школата, 13 на број, откако го научија теоретското почнаа практично да снимаат на терен и на крај да монираат. Сите со занес зборуваат колку им е интересно да снимаат и потоа да монтираат и на крај да го гледаат снименото како готов филм.

Сите во своите изјави за МИА се сложија дека оваа област им станала многу интересна и сакаат и понатаму да снимаат, да напредуваат и да се усовршуваат на полето на непрофесионалниот аметерски филм од сите категории.

Ангелина Митрева, четвртоодделенка од ООУ „Лазо Ангеловски” од Скопје, е воодушевена од археолошкиот локалитет Стоби и тоа што научила да снима кратки непрофесионално аматерски филмови.

– Снимав филм и сега ќе монтирам, многу ми е интересно и понатаму ќе се занимавам со снимање вакви филмови, вели со восхит и голема насмевка малата Ангелина.

Вака размислуваат и незјините нови другари и другарки осмоодделенецот Марио Зајков и деветтоодделенката Тамара Бешовска од Градско, Ангела Николова, која е втора година од Гимназијата во Струмица и останатите учесниците на Школата.

Организаторите ветија дека сите нивни филмови снимени во археолошкиот локалитет Стоби, каде што беше Школата, ќе бидат прикажани напролет.

Инаку сите учесници на Школата и сите заинтересирани кои снимаат непрофесионални филмови во повеќе категории ќе можат да учествуваат на претстојниот 28. Интернационален фестивал „Камера 300″ што до крајот на месецов ќе се одржи во Битола, како и на 57. Државен натпревар во кино и видеообласти и на 56. Државен натпревар за млади истражувачи и природници каде меѓу другите области има натпревари за непрофесионални аматерски филмови.

Новата школа ги продолжува традициите на поранешните врвни школи за непрофесионален аматерски филм во земјава

Петре Чаповски од Скопје, еден од предавачите на Школата и искусен и наградуван автор во непрофесионалниот аматерски филм, каде има искуство од 52 години, во разговорот за МИА вели дека пред повеќе од 20 години во Струга се одржала ваква школа за непрофесионален и аматерски филм.

– Ќе се вратам пред повеќе од 20 години во Струга каде професорот Стефан Сидовски-Сидо филмски предавања држеше за напредни филмски аматери, а јас во исто време за почетници. За жал, поради немање финансиски средства и немање доволно ваков кадар за предавањe Школата не беше континуирана. Оваа школа некогаш се одржуваше, па потоа неколку години не се одржуваше, појасни Чаповски.

Тој е оптимист дека земјава има иднина на ова поле.

– Кога дојдов тука многу се израдував што има доста млади што се ентузијасти и што го сакаат филмот. Затоа сакам искрено сето мое знаење коешто сум го стекнал во изминатите 52 години, бидејќи сум мајстор на непрофесионалниот аматерски филм, сакам во целост да им го пренесам на младите. Немам тајни и сакам да им ги кажам како што ние велиме сите филмски цаки и тајни за снимање добар и квалитетен непрофесионален аматерски филм, потенцира Чаповски.

Многу го радува тоа што младите основци и средношколци од земјава кои се учесници на оваа школа се жедни за нови знаења и искуства. Тој оценува дека тие ја имаат својата младешка полетност и енергија и во текот на двата дена од Школата веќе потврдиле дека се заинтересирани и се труделе што повеќе да научат за потоа и самите да снимат почетнички краток непрофесионален аматерски филм.

– Затоа гледајќи ги овие млади и нивниот интерес за филм мислам дека земјава има иднина на планот на непрофесионалниот  аматерски филм. Да потсетам, Македонија е членка на Светската филмска асоцијација за непрофесионален филм УНИКА уште од 1996 година. Јас бев прв делегат на конференцијата што се одржа во градот Алмело во Холандија. Тогаш кога им се обратив на присутните, во свечениот говор кажав дека Македонија е мала земја, но има многу голем уметнички потенцијал, но тоа не го кажав тукутака само да го кажам, тука сум се уверил дека стварно има и затоа го кажав, потенцира Чаповски.

Тој информира дека во изминатите 24 години авторите за непрофесионален аматерски филм од земјава во силна светска конкренција постигнувале сè позабележителни резултати.

– Kако и во секоја професија, за да се постигнат врвни резултати мора да има квалитет и сè да дојде на вистинското место во вистинското време. Затоа и сум голем оптимист дека земјава има иднина во сферата на непрофесионален аматерски филм, потенцира Чаповски.

Тој вели дека за поздравување е оваа иницијатива на директорот на Народна техника Пере Митрев, а во чест на покојниот колега Стефан Сидовски-Сидо да основа Школа за непрофесионален аматерски филм за ученици. Тој е оптимист дека ќе биде во континуитет и ќе стане традиционална.

– Целта е од неа да произлезат нови имиња на македонскиот непрофесионален аматерски филм, а кои ќе се натпреваруваат рамо до рамо со своите колеги од цел свет, потенцира Чаповски.

Им порача на младите од земјава, снимајте што повеќе и така ќе направите добри филмови.

Треба да знаете
Последни објави