Во Словенечкиот народен театар – Драма Љубљана беше поставена претставата „Мојот маж” според расказите на Румена Бужаровска. Во согласност со здравствените протоколи, минатата недела се одржаа три претпремиери и три премиери (на 8, 9 и 10 октомври) пред публика од по 80 гледачи по претстава.
Според критиката, претставата моќно ја доловува положбата на жените соочени со специфичниот патријархат на Балканот.
Ника Корењак ја споредува македонската писателка со Симон де Бовоар, велејќи дека тоа што Бовоар го сторила за жените во светски рамки, Бужаровска го прави на Балканот.
Фото: Петер Ухан, СНГ Драма, Љубљана
Режијата на претставата е на словенечката режисерка и писателка Ивана Ѓилас, која заедно со преведувачката и драматуршка Ана Душа ги адаптира расказите на Бужаровска за театарската сцена.
Како коментар на реалистичните ликови во балканската средина, Ѓилас вели дека „ќе постигнеме родова еднаквост кога ќе дозволиме подеднаков број глупави жени да бидат на раководните функции што сега им се дозволени на мажите.”
Фото: Петер Ухан, СНГ Драма, Љубљана
– Ова ќе се случи ако престанеме да бараме од жените да бидат суперхерои. А расказите во „Мојот маж” се токму такви, вели режисерката.
Актерската екипа ја сочинуваат: Ива Бабич, Силва Чушин, Маша Дерганц, Петра Говц, Сабина Коговшек, Маша Кагао Кнез, Саша Михелчич, Маруша Мајер, Саша Павчек и Барбара Жефран.
Фото: Петер Ухан, СНГ Драма, Љубљана
„Мојот маж” останува на репертоарот на СНТ – Драма Љубљана во текот на октомври и целата наредна сезона.
Во февруари годинава, Драмскиот театар во Скопје постави продукција на „Мојот маж” на македонски во режија на Нела Витошевиќ.
Румена Бужаровска (р. 1981, Скопје) е една од најчитаните автори во регионот. Нејзината книга „Мојот маж” има продадено тираж од 10,000 примероци само во Србија. На македонски јазик, „Мојот маж” досега имаше шест изданија.