Финансиската полиција во координација со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отворила предистрага за Националната агенција за европски образовни програми во врска со случајот „Фризерница“, објави „АлсатМ“.
-Детали не се откриваат поради тајноста на предистрагата. Од наша страна се преземаат мерки и активности согласно Законот за кривична постапка, велат од Управата за финансиска полиција.
Директорката на агенцијата, Лидија Димова на денешната прес конференција демантираше било какви неправилности во однос на делењето пари, а „Фризерница“ било само за замајување на јавноста.
Инаку, според Димова, ова не било првпат да биде доделен грант на фризерница. Во однос пак на проектот за тренирање хрватско магаре за кој едно училиште добило 80.000 евра, Димова тврдеше дека вакви проекти се доделувале и во други држави. Таа го обвини адвокатот Александар Тортевски дека ја „измислил приказната за магарињата“ затоа што не добил пари од генцијата за проект.
И Европската комисија проверува дали има злоупотреби со европски пари во Агенцијата со која директорува Лидија Димова. Од Брисел велат дека секое нерегуларно трошење ќе треба да се врати назад во европската каса. Случајот ќе го проверува и ОЛАВ, европско тело за борба против измами.