Спречување, откривање и одговор на заканата од коронавирусот COVID-19, како и зајакнување на националните системи за подготвеност на јавното здравство во државата има за цел реализацијата на Проектот за итно справување со COVID-19 во Северна Македонија. За ова прашање расправаа пратениците во Собранието разгледувајќи го Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на проектот.
Вкупната вредност на проектот изнесува 90 милиони евра и ќе се имплементира преку Единица за имплементација, која веќе функционира во рамките на Министерството за труд и социјална политика.
Бенефитите од проектот, според предлагачот – Министерот за финансии, треба да ги почувствува целокупното население земајќи ја предвид природата на заболувањето, заразените лица, популацијата под ризик, особено старите лица и лицата со хронични болести, медицинскиот персонал, медицинските институции и институциите за тестирање како и јавните здравствени институции ангажирани за справување со коронавирусот COVID-19.
Како корисници ќе се вклучат и лицата кои имаат потреба од ублажување на социјалното влијание (социјална заштита) преку обезбедување на социјални трансфери. Проектот се состои од три компоненти. Првата е за итен одговор на COVID-19 во износ од 34,05 милиони евра. Оваа компонента ќе обезбеди итна поддршка да се спречи COVID-19 и да го ограничи локалниот пренос на COVID-19 преку стратегии за ограничување. Тоа значи зајакнување на капацитетите за откривање на болести преку обезбедување на техничка експертиза, лабораториска опрема и системи со цел навремено откривање на случаи и следење на контакти во согласност со упатствата на СЗО. Поддршка ќе се обезбеди и за ограничено реновирање на здравствени установи доколку е потребно да се операционализираат дополнителни легла во одделите за интензивна нега, како и развивање на протоколи и тренинг за управување и отстранување на медицинскиот отпад.
Со компонентата 2 треба да се даде поддршка на домаќинствата за да се овозможи социјално дистанцирање (54,83 милиони евра). Оваа компонента ќе финансира привремен приход во вид на социјални трансфери на лица и домаќинства кои исполнуваат услови, како и поддршка во вид на храна и основен хигиенски пакет како и привремена поддршка во вид на надоместок во случај на невработеност за оние лица на кои им прекинал работниот однос како резултат на пандемијата.
Преку имплементација на проектот, во рамки на компонентата 3 – со 0,9 милиони евра ќе се поддржат административните и човечките ресурси потребни за спроведување на Проектот како и следење и оценување на неговата имплементација.
Вкупниот износ на заемот кој ќе го додели Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка изнесува 90 милиони евра. Рокот за отплата на заемот од 12 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон. Заемот ќе се отплаќа на 18 полугодишни рати, од кои 17 полугодишни рати секоја во износ од 5,56% од износот на заемот, додека последната 18 рата во износ од 5,48% од износот на заемот.
Заемот ќе се отплаќа на 15 март и 15 септември секоја година. Согласно прописите на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, Република Северна Македонија како заемопримач има обврска да и плати на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка еднократна провизија од 0,25% од износот на заемот (Front-end-fee). Оваа провизија за Проектот изнесува 225.000 евра и ќе биде платена еднократно од средствата на заемот.
Пратениците од опозицијата не се сигурни дека средствата кои се позајмуваат ќе бидат искористени за намената за која се земаат. Според нив, не е прецизирано во детали каде и колку средства ќе бидат потрошени и за која намена. Тие забележаа и на фактот дека, како што посочија, само една третина од нив ќе оди за здравствениот сектор, остананите за социјалната сфера.
-Се задолжуваме со 90 милиони евра за наменско задолжување, а нема ништо наведено како конкретно образложение. Наменското финансирање се предвидува за од 1 февруари 2020, а првиот позитивен случај е регистриран на 26 февруари. Ова фрла сомнеж врз наменското трошење на овие пари бидејќи вие ги предвидувате за 25 дена пред првиот случај на позитивен со КОВИД-19. Велите ова е за итно справување, а не кажувате колку ќе одат за КОВИД, ама реално, само една третина. Детални информации нема во ниту во еден дел од овој договор, рече пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.
– Впрочем и претходната министерка за финансии Нина Ангеловска доби зелено светло од ДИК дека овој заем може да го потпише само таа, без нејзината заменичка и јасно е зошто таа тоа не го стори пролетта и зошто Гордана Димитриевска Кочовска јасно кажа дека нема да го потпише, рече Стојановска.
Пратениците од опозицијата реагираа дека државата постојано се задолжува, а како што рекоа, добробит од тоа не почувствувал ниту еден граѓанин. Сметаат дека не е ред во моментов да сме задолжени 59,5 од БПД и да ја пробиеме онаа психолошка граница од 60 посто задолжување од БДП, со што би влегле во групата висоско задолжени земји.
На ова реплицираше пратеникот Диме Велковски од СДСМ кој посочи дека во периодот од 2017 до 2019 година јавниот долг на државата бил 49 проценти и бил стабилизиран.
-За жал, КОВИДОТ не не одмина, како што знаете дека е пандемија и не постои држава во светот која може да ги сервисира граѓаните во оваква голема пандемија. Знаете дека и компаниите не работат со исто темпо и затоа државите мора да импутираат средства за да се зачуваат работните места и за да се преброди кризата, рече тој додавајќи дека се задолжуваат и помоќни економски земји и оти нивниот јавен долг е повисок од нашиот.
Според него, добро е и што целата сума на заемот нема веднаш да влезе во јавниот долг, туку дека тоа ќе се прави постепено.
Реагираше и заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски. Во однос на тоа во каква состојба се наоѓа глобалната, европската и македонската економија, рече, се зборува постојано и отсети дека според последните податоци на ММФ во јуни годинава глобалната екомија ќе забави за 4,9 проценти, а економијата на ЕУ ќе забележи пад од 10,2 проценти на БДП. Тоа, потенцира, значи дека и македонската екомонија како дел од светската ќе има пад.
Задолжување, според него, мора да има, со цел да се пуштат пари кај граѓаните и компаниите да се финансира јавната и приватната потрошувачка, со цел да и се помогне на економијата.
-Во врска со тоа во каква ситуација е Буџетот би сакал да замолам да не се користат квалификации од типот на банкротство, бидејќи тоа не е точно. Буџетот е ликвиден, пред нас ќе имаме и ребаланс на Буџетот во кој е предвиден буџетски дефицит кој се наоѓа точно на ниво на буџетски дефицит кој во проек го имаат земјите од Европската унија и ќе биде на ниво од 8,4 проценти, рече заменик-министерот.
Тој додаде дека во врска со јавниот долг не може да се каже оти тој е креиран во изминатите шест месеци бидејќи тој е кумулативна категорија. На девизната сметка на Буџетот, според него, има средства кои се во износ да може да ги финансисраат сите буџетски издатоци.
Седницата ќе продолжи по паузата, а претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека ќе се работи и по 18 часот додека оваа точка не биде усвоена.