Кипар денеска ја укина профитабилната програма за доделување државјанство на богати странски инвеститори, по обвинувањата дека висок владин службеник и поранешен пратеник биле вклучени во обид да се заобиколат строгите правила и да се издаде пасош на имагинарен инвеститор за кој се смета дека имал криминално досие.
Портпарол на Владата на Кипар, Кирјакос Кусиос, рече дека Кабинетот на премиерот ја прифатил препораката на министрите за внатрешни работи и за финансии за укинување на „златниот пасош”, кој на земјата во претходните години и донесе милијарди евра.
Кусиос рече дека одлуката, која ќе стапи во сила на 1 ноември, се заснова на „долгогодишните слабости на Кипар во програмата за инвестиции, но и на злоупотребата на нејзините одредби”.
Тој рече дека Владата со време ќе разгледа различни начини за привлекување странски инвестиции.