Поранешниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски се повлекува од политиката и заминува во приватниот сектор, објави самиот на својот фејсбук профил. Манчевски кој на парламентарните избори беше избран за пратеник во Собранието, минатиот месец си поднесе оставка, а денеска објави дека поднел оставка и од функциите потпретседател и член на Централниот одбор на СДСМ бидејќи прифатил ангажман во приватниот сектор, кој е неспоив со било каков политички ангажман.
„Одлучувам да ја напуштам политиката кога можеби најмалку се очекуваше. После победа и нов мандат. Сепак, решив да се вратам на професијата и во приватниот сектор. Влегувам во нова борба. Време е за нови предизвици. Професионално во политиката влегов кога беше најтешко, во 2015 година. Срушивме режим на мирен начин, земјата е членка на НАТО, отворен ни е патот кон членство во ЕУ, ја вративме слободата и демократијата, платите растат. Не беше лесно. Многу преживеавме заедно. Но, денес Северна Македонија е на вистинскиот пат и следат уште подобри времиња“, напиша Манчевски на Фејсбук.
Манчевски вели дека оваа негова одлука нема никаква врска со било која состојба во политиката.
„Таа е лична и само моја. Имав извонредна понуда за следен политички ангажман, за што сум неизмерно благодарен, но сепак се решив на овој чекор. Останувам во државата, да ја споделувам судбината и борбата за подобар живот“, додава Манчевски за кого се зборуваше дека ќе биде новиот генерален секретар на Владата.