На распишаниот конкурс за 200 професионални војници се пријавиле над 1800 кандидати, тоа покажува, потенцира денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, дека Армијата ќе се подмладува и може да се подмладува само се вложува во повисоки плати, во подобра опрема, во подобар имиџ и во подобри шанси за сите оние кои работат во Армијата.
Според неа, интересот на младите да пристапат кон Армијата, а што се гледа по тоа што за секое место има по девет кандидати, е резултат и на нашето членство во НАТО, меѓутоа и резултат на зголемените плати и на вратената доверба во Армијата, вратената доверба дека ова е професија што државата ја цени и на соодветен начин ја плаќа.
– Армијата секогаш ја враќала довербата во неа, успевала да одговори на задачи и во најтешки околности, но сега покажавме и дека државата си ги цени своите војници, своите офицери и младите луѓе од сите етнички заеници, и мажи и жени, тоа го покажаа со овој интерес, изјави Шекеринска, која денеска ги посети кандидатите за професионални војници кои во моментов се во фаза на физички проверки на Воениот стадион, во Скопје.
Таа очекува следната година да се зголеми и интересот за запишување во Воената академија и на тој начин да се подмлади не само војничкиот, туку и офицерскиот состав на Армијата.
– Нашата цел како Влада од почетокот беше да ја помладуваме Армијата и денеска можете да видите како Армијата се подмладува и како инвестирате во неа, рече министерката за одбрана, Шекеринска.
Потполковник Харалампие Трајков, претседател на Комисијата за физички проверки информира дека физичката проверка се состои од три дисциплини и тоа склекови, стомачни и трчање на 3200 метри.
Минималните норми што треба да ги исполнат кандидатите се поделени во две старосни групи и тоа од 17 до 21 година и до 22 до 26 години. Минимум за мажи се потребни 40 – 42 склека, за жени 17 до 19 склекови согласно старосните групи. Стомачните вежби, информира Трајковси и за мажи и за жени се исти 53 со 50. За трчањето, кај мажите е потребно 15, 42 и 16, 24, додека за жени 18,52 и 19, 34.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска потсети дека на конкурсот во 2017 и 2018 година за 125 места за професионални војници имало околу 200 кандидати. Од тие кандидати, како што рече Шекеринска, беше тешко да се најдат луѓето што ги исполнуваат сите услови.