Европскиот суд за човекови права го одби барањето на турските власти за укинување на привремените мерки за случајот Ерменија против Турција

 Европскиот суд за човекови права го одби барањето на турските власти за укинување на привремените мерки за случајот Ерменија против Турција, донесени со одлука на Судот на 6 октомври 2020 година, јави дописникот на МИА.

Судот од Стразбур на 6 октомври 2020 одлучи по втор пат да го примени членот 39 од неговите правила во врска со конфликтот во Нагорно-Карабах. Судот ги повика сите држави директно или индиректно вклучени во овој конфликт, вклучително и Турција, да се воздржат од какво било дело што би придонело за кршење на правата што Конвенцијата за човекови права им ги гарантира на цивилите и да ги почитуваат нивните обврски согласно со Конвенцијата.

На 7 октомври 2020 година, турската Влада побара од судот да ја преиспита својата одлука и да ја укине привремената мерка преземена против Турција.

Судот од Стразбур потсетува дека укажувањето на привремена мерка според член 39 од неговиот деловник е итна мерка што може да се преземе во ситуации кога смета дека постои непосреден ризик од непоправлива штета. Индикацијата за таквата мерка е од привремена природа и не прејудицира за последователно испитување на допуштеноста или за основаноста на случајот во контекст на можни спротивставени постапки.

Одлуката од 6 октомври 2020 година беше донесена од Судот врз основа на докази кои укажуваат на тоа дека државите договорнички (во Конвенција) биле директно или индиректно вклучени во конфликтот. Одлуката не е адресирана само до Турција, туку до сите засегнати држави.

По испитувањето на приговорите формулирани од турската влада и повторно земајќи ја предвид сериозноста на конфликтот и ескалацијата што ја доживува, Судот не гледа причина да ја измени својата одлука и делумно да ја укине посочената привремена мерка.

Треба да знаете
Последни објави