Климатските промени веќе се чувствуваат на Нов Зеланд и ја трансформираат земјата, се наведува во новиот извештај на владините експерти, пренесува ДПА.
Извештајот вклучува анализа на податоци за температурата од 30 точки, според кои климата во земјата се затоплува.
Мерењата направени помеѓу 1972 и 2019 година покажуваат зголемување на просечната годишна температура на 28 од 30 контролни пунктови, а во зима – на сите.
Почнува да се појавува поекстремна клима, со поројни дождови, топли бранови и суши кои стануваат почести. Волуменот на мразот во глечерите се намали, а просечното ниво на морето се зголеми за 1,81 милиметар годишно од почетокот на водење статистика пред повеќе од 100 години.
Извештајот не нуди решенија, но треба да се користи како извор на информации за дискусии и избор за „наследството што го оставаме”, рече шефицата на тимот Вики Робертсон.
Во Нов Зеланд се предвидува опаѓање на емисиите на стакленички гасови во следните децении, но не доволно брзо за да се исполнат целите на земјата за 2030 година утврдени со Парискиот климатски договор, се додава во извештајот.