Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи имаше видео средба со неговиот колега од Република Латвија, министерот Едгарс Ринкевичс.
„Латвија е искрен пријател на Северна Македонија и вокален промотор на политиката на проширување на ЕУ. Видлива и одржлива европска перспектива на Северна Македонија ќе значи заокружување на проектот за обединување и интеграција на регионот во ЕУ, што пак ќе биде глобална придобивка за траен мир, безбедност и просперитет на европскиот континент”, нагласи Османи.
Северна Македонија, врз основа на сопствените заслуги, без никакво дополнително одложување и натамошно оспорување, категорично заслужува да ги започне преговорите потенцираше Османи на средбата.
„Ваквиот чекор не е значаен само за нас самите, туку и за целиот регион. Ќе даде поинаков импулс на целиот процес и ќе ја тестира новата методологија за водење на преговорите за која Латвија и сите останати земји-членки на Унијата вложија толку многу труд”, истакна Османи.
Министерот Ринкевичс искажа увереност дека одличните билатерални односи и соработка ќе продолжат и во иднина, преку интензивирање на соработката имајќи ги предвид потенцијалите во трговијата и енергетиката, како и можностите што ги дава проектната и бизнис соработка во рамките на Иницијативата Три мориња.
Соговорниците разговараа и за забрзување на постапките за склучување на одредени билатерални договори и разменија мислења за состојбите во Регионот.