Во рамките на „Избраните дела“ на Методија Фотев, деновиве во издание на „Дијалог“ од Скопје излезе од печат романот „Селани и војници“.
Тоа е втора книга од петтомниот проект во кој писателот Фотев ќе биде претставен и со романите „Големите скитачи“, „Неплодна вода“ и „Вивариум“. Во оваа едиција минатата година беше објавен првиот роман на Методија Фотев, „Потомците на Кат“.
„Избраните дела“ на Методија Фотев излегуваат со критички толкувања на Петар Т. Бошковски и Слободан Мицковиќ, а во редакција на Веле Смилевски.
Методија Фотев (1932 – 2019) е еден од најистакнатите македонски романсиери. За своето творештво добитник е на наградите „11 Октомври“, „13 Ноември“ и „Дијалог“.