Квартетот „Куарем“ (Франција, Аргентина, Куба и Реунион) на 21 октомври (среда) во 20 часот ќе одржи концерт во Малата сала на Филхармонија.
Квартетот „Куарем“ е невообичаен гудачки квартет формиран од виолинистите Родриго Бауса и Федерико Натан, виолистот Оливие Самуилан и виолончелистот Гијом Латил. Четворицата музичари имаат различна музичка заднина и искуство и како изведувачи и како композитори.
Родриго Бауса и Фредерико Натан се запознаваат уште како студенти во Уругвај во 2002 година, и остануваат во контакт, иако по студиите се селат во различни градови во Европа. Двајцата делат интерес кон класичната и кон популарната музика. Откако се запознаваат со францускиот челист Гијом Латил и виолистот Оливие Самуилан, во 2013 година го формираа квартетот „Куарем“.
За овој невообичаен ансамбл, диверзитетот на секого од четворицата музичари е неисцрпен извор на инспирација во контекст на композицијата, импровизацијата, ритамот и експресијата. Во новиот проект „Danzas”, квартетот „Куарем“ создава целосно оригинален репертоар инспириран од традиционалната музика за танц од Аргентина, Франција, Реунион и Куба. Елоквентноста на квартетот, како и неговата исклучителна техника на импровизација, потхранета од јазикот на џезот, се среќаваат на едно место и создаваат универзално музичко наследство. Секоја од композиците ги инспирира членовите на квартетот да нурнат во сосема нова област за истражување.
Во овој проект на квартетот „Куарем“ им се приклучува и извонредната перкусионистка Наташа Роџерс.