Со состанокот на министрите за внатрешни работи со кој ќе копретседаваат министерот Оливер Спасовски и неговиот бугарски колега утре во Скопје започнуваат активностите од заедничкото претседателство на С.Македонија и на Бугарија со Берлинскиот процес, а круна на процесот ќе биде дводневниот Самит во Софија на 9 и 10 ноември, на министрите за надворешни работи, односно на шефовите на владите, изјави на денешната прес-конференција во Скопје шефот дипломатија Бујар Османи.
-Работиме интензивно и инклузивно во овој период со сите наши партнери, вклучувајќи ги тука европските институции Советот за регионална соработка, меѓународните финансиски институции, германското претседателство со ЕУ, со земјите од регионот за да ја одржиме на високо ниво перспективата на Западен Балкан високо на агендата на ЕУ. Исто така за време на посетата на Софија значаен дел од разговорите со колешката Захариева беа токму предизвиците и активностите во рамки на заедничкото копретседвање и тука заклучивме дека ова заедничко копретседавање мора да успее и дека посветено ќе работиме на последната точка од нашата заедничка агенда, рече Османи.
Тој оцени дека копретседателството на Скопје и Софија со иницијативата е историски настан сам по себе, бидејќи прв пат се случува да копретседаваат две земји – една членка на ЕУ и една земја кандидат за членство во Унијата.
-Веќе од утре почнува министерскиот состанок за внатрешни работи, овде во Скопје, каде што доаѓа министерот за внатрешни работи на Бугарија и заедно со нашиот министер ќе го копретседаваат состанокот на министри за внатрешни работи во рамки на процесот каде очекуваме да се иницира идејата за движење со лични карти во целиот регион, односно помеѓу сите шест земји на Западеб Балкан и тоа мислам дека е важна иницијатива, која што доколку биде одобрена ќе значи полесна комуникација, патување, транзит, односно клучен дел во поврзаноста и размената, истакна Османи.
Според агендата, следната недела е состанокот за министри за здравство, со кој исто така овде во Скопје, ќе копретседаваат министерот Венко Филипче и бугарскиот министер за здравство. -Важноста на овој состанок е поради тоа што првпат соработката во здравството влегува како дел од Берлиснкиот процес имајќи ја предвид кризата со пандемијата очекувам дека тоа ќе биде регионалниот одговор на пандемијата, која ќе биде една од основните прашања на Самитот, потенцира Османи.
Следат состаноците во Тирана на 27 октомври за инклузија на Ромите и на 2 ноември Дигиталниот самит на министрите за информатичко општество.
– Тоа што сметам дека е важно од овој процес е состанокот на министрите за економија на 5 ноември во Софија, каде што прв пат ќе се претстави Акциониот план за регионална економска соработка – фаза два т.н. МАПРЕА 2, каде што ќе се инкорпорираат и елементите односно четирите слободи од т.н. мини Шенген иницијатива и со тоа создаваме заеднички пазар како поддршка на европската перспектива на регионот, но се разбира и за подготовка на целиот регион за влегување во поголемиот европски пазар. Во оваа насока очекуваме резултати во однос на поврзувањето на земјите за непречен транспорт на т.н. есенцијални или суштински стоки преку зелените коридори со ЕУ. Ако до сега овие коридори беа предвидени само за земјите од регионот наша амбиција е тие да се прошират со земјите од ЕУ, порача Османи.
Во текот на разговорите, додаде, ќе биде ставен акцент и на Зелената агенда за Западен Балкан, како приклучок на тенденцијата на ЕУ за намалување на емисиите на штетни гасови.
– И како круна на Берлинскиот процес ќе биде дводневниот Самит во Софија на 9 и 10 ноември. Најпрво на 9 ноевмври, јас во Софија заедно со колешката Захариева ќе копретседаваме со министерскиот совет на министрите за надворешни работи, а утредента очекуваме премиерите на земјите-учесници во Берлинскиот процес да копретседаваат премиерите Заев и Борисов, каде очекувам да ги сумираме резултатите од успехот на самиот процес. Секако најважен елемент е неговата силна политичка палтформа, насочена кон поддршка на европската перспектива на регионот, одржувањето на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан и за нас дополнително оваа година заедничкото копретседавање со Бугарија остава можност да ја демонстрираме се разбира и блискоста и соработката и меѓусебната поддршка на двата соседа како клучен дел од аспирацијата за европска перспектива на целиот регион, рече Османи.
Нагласи дека влогот е голем, резултатите и успехот на иницијативите од Берлинскиот процес се заедничка определба.
-Имаме иста цел а тоа е зајакната регионална кохезија и изградба на мостови на соработка. Дипломатијата ја има токму таа улога да поврзува и да обединува и тоа е основната цел на Берлинскиот процес и тоа во моментот ни е најпотребно, рече Османи.
На новинарско прашање на МИА за листата на учесници и начинот на одржување на самитот во Софија, Османи рече дека поради пандемијата дополнително ќе се утврди дали ќе биде со физичко присуство или онлајн. Има, вели, одредени најави на канцеларката Меркел во тој дел, но како што рече: „не би навлегувам во тоа додека не се потврди точно, ниту дали претседателот Макрон или канцеларот Курц ќе учествуваат со физичко присуство”.
-Јас се надевам дека овие самити не само во Берлинскиот процес, меѓутоа и Советот за општи работи во Брисел, кој е важен за одлуката, ќе бидат со физичко присуство бидејќи поинакви можности нуди физичкото присуство во вакви дебати отколку онлајн присуството. Тоа е технички проблем кој може да има сериозни последици. Да се надеваме на најдоброто, истакна министерот Бујар Османи. в