Претседателот Стево Пендаровски денеска го одликува Бигорскиoт манастир „Свети Јован Крстител” со Орден за заслуги за Република Северна Македонија, за зачувувањето и за продолжувањето на илјадагодишната традиција и за придонесот во негувањето на духовното и на културно-историското наследство, за грижата за уметничките реткости и за постојаните социјални и хуманитарни активноси.
Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија,
Почитуван Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустиниана Прима,
Почитувани членови на бигорската обител,
Почитувани претставници на религиозните заедници,
Уважени гости,
Дами и господа,
Нашата генерација има извонредно ретка можност да биде сведок на еден импресивен јубилеј каков што е 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител. Честа за мене е уште поголема што како претседател имам привилегија на манастирот да му доделам високо државно признание.
Бигорскиот манастир, надвор од било какво сомнение, е едно од нашите најголеми духовни светилишта, кое низ вековите, и денес, во континуитет претставува извор на писменост, на култура и уметност.
Бигорски не е само православен манастир и христијанско светилиште, тој од секогаш бил прочуен како место каде што помош, поткрепа, човечки збор и утеха можеле да најдат сите, без разлика на нивната верска, етничка или било каква друга припадност. Историјата на манастирот, но, не помалку и неговата денешна, жива духовна и културна мисија и ангажман, лесно ги надминуваат државните граници и ги сплотуваат и обединуваат луѓето што е сигурно најблагородната можна кауза во светот од кој сме дел.
И да имате најдобра намера и желба, невозможно е само во неколку минути да ја опфатите илјадагодишната историја и традиција на овој храм и да кажете доволно за сите аспекти кои го прават делото на Бигорскиот манастир толку посебно и вредно. За дел од нив чувме во најавата на почетокот, за дел сме имале можност да читаме во старите ракописи, во дел се имаме самите уверено со свои очи, но, бездруго има и делови кои допрва ќе ги откриваат генерациите по нас. Впрочем, манастирот, на радост на сите нас, продолжува да живее, да создава добрини и да остава вредности. Повеќе од убеден сум дека и во вториот милениум од своето постоење, традицијата ќе биде продолжена, а сите ние ќе бидеме задолжени со нови културни и духовни подвизи и дела, достојни за почит.
Драги пријатели,
За жал, и покрај убавите настани и јубилеи како овој денешниов, оваа година, 2020-та, ќе ја паметиме и по пандемијата која од темел го промени нашето животно секојдневие. Живееме во страв и претпазливост поради вирусот, додека сме соочени со разорните економски последици што тој ги предизвикува. Меѓутоа, токму во вакви моменти, повеќе од било кога, ни е потребна верба, солидарност и меѓусебна почит, грижа и внимание, љубов и подарување кон блиските, кон сиромашните, кон ранливите.
Навикнати на комотноста и рутината на животот, секоја промена од овој ранг, ја доживуваме фаталистички и многу полесно од порано, дозволуваме да не совладаат нетрпеливоста, гневот, фрустрациите. Меѓутоа, токму илјадагодишната приказна на Бигорски не подучува дека животот не е само мед и млеко и дека како што вели народната мудрост, во секое лошо има и по нешто добро. Човековата историја памети и други апокалиптични собитија, но, човечкиот род секогаш излегувал возобновен со нови животни искуства. Така ќе биде и овојпат. Во борбата за порадосен и поисполнет живот, моќта на вековните крепости каков што е Бигорски, сигурно можат да ни послужат како дополнителна инспирација.
Дозволете ми, на самиот крај, на сите да ви посакам добро здравје и благосостојба, а на свештената бигорска обител и на отецот Партениј да им се заблагодарам за се што чинат за да ја сочуваат традицијата и нашето културно и духовно богатство, но и за нивните напори во служењето на сите оние кои доаѓаат во манастирот за да најдат мир, благост и поткрепа. Ви посакувам и во наредното илјадалетие, вие и вашите духовни наследници да останете верни на традицијата на тоа свето место со толку големо значање за виталноста на целиот наш народ.