„Инвестициите во инфраструктурата се најнеопходни и секогаш поздравувани од деловната заедница, бидејќи се од непроценливо значење за непречено извршување на економските активности на компаниите, што пак, значи отворање на нови работни места, како и подобрување на животниот стандард за граѓаните”, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев кој заедно со директорот на Технолошко индустриската развојна зона Александар Младеновски, извршија увид во работите на асфалтирање на булевар и улици во зоната, ТИРЗ Скопје 2 (Бунарџик).
Премиерот Заев рече дека согласно годишната програма во ТИРЗ Скопје 2, во фаза е изградба на комплетната инфраструктура – сообраќајници, водовод, атмосферска и фекална канализација, гасовод, и улично осветлување по булеварот, како и улиците 1, 3 и 9. Станува збор за комплетна инфраструктура околу новите инвестиции во ТИРЗ Скопје 2, чии капацитети се во тек на изградба. Инвестиционата вредност изнесува 107 милиони денари.
„Нашите заложби како Влада во континуитет се насочени кон подобрување на деловниот амбиент, како и создавање услови за актуелните и за идните инвеститори. Во таа насока и покрај нестандардните услови за изведување на работите како резултат на почитување на мерките за претпазливост од Ковид-19, согласно динамиката на работа очекуваме предвидените работи да бидат завршени до крајот на оваа година. Сакаме да ги обезбедиме потребните светски инфраструктурни стандарди во индустриските зони за инвеститорите кои го вложуваат својот капитал во Северна Македонија. Бенефитите од инфраструктурното модернизирање на зоните се од големо значење за компаниите лоцирани тука, но и за државата и за граѓаните со оглед на тоа што компаниите во зоните, придонесуваат за подобрување на севкупниот трговскиот биланс, зголемување на вработувањата, како и пренесување на know-how и технолошкиот прогрес.
Она што го имам како информација и покрај условите на пандемија и намален обем на испораки, е дека речиси сите работници во зоната, ги задржаа своите работни места и придонесуваат во одржување на стабилност на македонската економија”, изјави Заев и додаде дека извозот од зоните на годишно ниво до минатата 2019 година изнесуваше близу 2,8 милијарди евра, што е скоро 40 процентно зголемување во однос на 2017 година.
Премиерот додаде дека во услови на пандемија, согласно податоците до септември годинава, забележан е очекуван пад, но и покрај тоа позитивно е тоа што бројот на вработени останува константен. Во зоните низ државата, вкупно 13.480 вработени активно работат на зголемување на продуктивноста и извозот.
„Како држава продолжуваме максимално и посветено да ги реализираме потребните инфраструктурни проекти, да градиме стабилни економски политики, за понатаму компаниите да можат да го модернизираат производството, да ги зголемат капацитетите и да ги подигнат стандардите за забрзување на технолошкиот напредок. Градење на доверба со инвеститорите е еден од нашите приоритети, токму затоа сакаме да ги обезбедиме сите предуслови за поедноставување на деловното работење, создавање предвидлива, конкурентна и одржлива деловна средина”, потенцираше Заев.
Директорот на ТИРЗ, Младеновски подвлече дека во зоните активно се работи на инфраструктурно осовременување. Во ТИРЗ Скопје 2 е изведен 60% од должината на главниот булевар Б, булевар А и улица 4 со потребна хидротехничка инфраструктура (водовод, фекална и атмосферска канализација), гасоводна инфраструктура и улично осветлување. Младеновски подвлече дека се комплетира зоната два, по што следна ќе следи и зоната три, активно се работи и во ТИРЗ Прилеп, во ТИРЗ Штип, каде во фаза на изготвување проектна документација за поврзување на булеварот во ТИРЗ Штип со изградената клучка на експресниот пат Штип-Кочани. Во ТИРЗ Струга, зоната е функционална, со изведена основна внатрешна инфраструктура и тоа сообраќајници, водовод, канализација, улично осветлување и царински терминал и вага за тешки товарни возила. Во ТИРЗ Кичево со изградбата на II-та фаза од основна внатрешна инфраструктура зоната стана целосно функционална со изградени инфраструктурни објекти за приклучок на секоја парцела (сообраќајници, краци за водовод, атмосферска и фекална канализација) за потребите на нови корисници во зоните. Реализирано е и уличното осветлување.
Премиерот Заев оствари средба и со раководството на германската инвестиција „Герешајмер”, лоцирана во ТИРЗ 2, која ќе продуцира медицински материјал и се очекува наскоро да го стартува производството.