Во Прилеп денеска е потврден прв случај на наставничка инфицирана со Ковид- 19 и 20 ученици од второ одделение од прилепското основно училиште „Климент Охридски“ се ставени во самоизолација.
По потврдениот случај на наставничката инфицирана со коронавирусот постапено е согласно протоколите за работа во основните училишта. Со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, наставничката и 20 ученици од второ одделение од ова прилепско основно училиште, се ставени во самоизолација во траење од 14 дена, информираат од прилепската локална самоуправа.
Инаку, од Центарот за јавно здравје соопштуваат дека денеска во Прилеп има 25 нови случаи на заразени од коронавирусот, а 14 лица оздравеле од заразната болест.
Бројот на активни случаи во Општината изнесува 191, од кои 155 се наоѓаат на домашно, а 36 на болничко лекување. Во домашна изолација и во самоизолација се 420 лица.