Од петок, во седум од 12-те региони во Словенија ќе се воведе карантин, со цел да се спречи ширењето на вирусот корона, одлучи владата на таа земја.
Од полноќ, влегува во сила декретот за забрана за собирање на повеќе од 10 лица на јавни или приватни места во централна Словенија, Горењска, Корошка, Засавје, Посавје, Савињска и југоисточниот дел на Словенија.
Ваквата мерка беше воведена во овие региони затоа што во изминатите две недели, просечно 140 жители на 100 илјади се заразувале со вирусот ковид-19
Министерот за внатрешни работи Алеш Хојс на прес-конференција рече дека жителите на овие региони нема да смеат да го напуштаат регионот или да влегуваат во други за време на карантин, со одредени исклучоци како што се одење на работа или поради бизнис, одење на лекар или аптека. давање помош на роднини.
Хојс додаде дека ќе бидат дозволени посети на гробишта и погреби, а исто така ќе биде дозволен и транзит низ регионите.
Исто така, рече тој, во тие региони е задолжително да се носат маски надвор, не само во затворен простор, освен за деца до шест години.
Во регионите погодени од карантин, има 117 од 212 општини, како и градови како што се Љубљана, Крањ и Целје, додека Марибор и Копер не се опфатени со одлуката.
Хојс додаде дека регулацијата на границата засега нема да се менува.