Нема ништо спорно во идеата за државно субвенционирање компании кои ќе вработат припадници на етнички заедници. Се работи за правична и адекватна застапеност, но не само на Албанците, туку на сите граѓани каде што се тие малцинска заедница. Зборуваме за начини, идеи како да се надмине перцепцијата, но и фактичката реалност дека има моноетнички вработувања во приватниот сектор, а посебно во компаниите каде државата има удел. Се уште не е донесена никаква одлука, предлогот се разгледува и треба да се реши на ниво на претставници на коалицијата СДСМ – ДУИ. Сме го разговарале и за него има основа во владината програма, истакна вечерва првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
Како што рече Груби во гостување на ТВ 24, реакцијата во јавноста за овој негов предлог покажала дека општеството се уште не е подготвено да ја прифати еднаквоста на сите граѓани во целост, и во обврски, но и во право.
-Зборуваме не за вработување на Албанците во приватни фирми, туку за сите граѓани. Идејата е правична и адекватна застапеност во приватните компании, посебно во компаниите каде и државата има удел. Нема ништо спорно во тоа и не гледам причина за хистерична реакција. Правичната и адекватната застапеност не се однесува само на Албанците, туку на сите граѓани каде што се тие малцинска заедница. Притоа, квалитетот е секако приоритет, потенцира Груби.
Според него, во приватните компании, посебно во некои каде и државата има удел, правичната застапеност е минимална, скоро и непостоечка – не само за Албанците, туку и за Ромите, Турците, Власите и Србите во некои случаи, па и на Македонците во западниот дел од земјата: Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево – каде што Албанците се мнозинство.
-Уставот со промените согласно Охридскиот договор предвидува адекватна, правична застапеност на етничките заедници. Јас на тоа се повикувам, напомена Груби.
На прашањето дали неговата позиција „прв вицепремиер” значи некаков приоритет над останатите потпретседатели во Владата и зошто е баш така наречена, Груби објасни дека околу нејзиното дефинирање немало воопшто никакви инсистирања или драми, ниту се работи за лична суета.
Напротив, моја задача, освен што го заменувам премиерот, е и да придонесам во координацијата на сите ресори и во кохезијата на реализацијата на владините задачи. Владата не е ниту двонационана, ниту двоетничка, ниту е Влада на Македонци и Албанци, туку на граѓаните на С. Македонија и е составена од СДСМ, ДУИ и другите партии кои се дел од коалицијата. Нема никакви поделби во Владата, има само многу подобра, поконструктивна атмосфера и поефикасно се работи. Министрите одговараат пред Собранието, пред граѓаните и пред Владата. Премиер е еден, тоа е Заев, како што е еден и првиот потпретседател на Владата, а тоа сум јас, рече Груби.