Македонскиот и европски ракометен првак Вардар покажа моќ кога сите најмалку очекуваа и дојде до прва победа во Лигата на шампионите над германски Флензбург (31-26), во вториот натпревар во елитата оваа сезона.
Некој се осуди да го отпише Вардар, но овој тим не би бил тој ако се предаде предвреме и го положи оружјето. Флензбург, кој пристигна во Скопје со скратен ростер, доби ракометна лекција во СЦ „Јане Сандански“ и го доживеа првиот пораз во Лигата на шампионите оваа сезона. Резултатот во македонската ракометна „тврдина“ е изненадување за многумина, но јасно е дека овој Вардар полека се крева. Стевче Алушовски го водеше мечот за пофалба, често ротираше, па не се забележа дека овој клуб нема одиграно официјален натпревар повеќе од еден месец.
Гостинот од Германија со два гола го отвори мечот, но Вардар врати двојно, па направи пресврт и поведе со 4-2. Одлични во мечот беа Кристијан Дисингер, а поддршка му беа Тимур Дибиров кој реализира преку пеколна контра и Чупиќ кој беше сигурен пеналџија (7-5).
Ване и Јоендал се разиграа на десет минути пред крајот на првиот дел и го вратија Флензбург во мечот (10-10), а потоа, од 11-11 следеше експлозија на Вардар. Тимот на Алушовски во тој момент го одигра најдобриот ракомет. Прво даде два гола преку Талески и Јотиќ во 15 секунди за предност од 13-11, па се поведе и со 17-13, највисоки четири гола позитива на мечот.
Но по добрите минути следеа лоши, се направија грешки, па Флензбург намали на два гола негатива до паузата (17-15). На стартот на второто полувреме Јоханесон се разигра и ги донесе гостите пак до изедначување (19-19), но Вардар пак имаше добра контра која функционираше, за враќање на предноста од два гола (22-20).
Првите проблеми за Флензбург пристигнаа кога поради трето исклучување црвен картон доби Род. Вардар веднаш ја искористи бројчаната предност, па преку Стоилов дојде до 23-20, a кружниот напаѓач и потоа продолжи со феноменалната игра и големата борба, па беше главен фактор зошто македонскиот тим ја држеше предноста (26-22). Ако на претходниот натпревар Вардар ја загуби предноста во финишот, на овој дуел покажа карактер, па запиша победа од шест гола над фаворитот на хартија.
Најдобар кај победникот беше Стоилов со осум гола, го следеа Дисингер и Јотиќ со по четири гола, а Дибиров и Чупиќ имаа по три гола, додека кај Флензбург, залудна беше перфектната партија на Јоханесен со 6/6 гола.
Во следната рунда од ЛШ, Вардар треба да биде домаќин на Порто (22 ноември), додека Флензбург ќе биде домаќин на норвешки Елверум.