По едномесечна пауза македонскиот и сеуште актуелен европски машки ракометен првак Вардар одигра меч од групата А во елитното натпреварување Лигата на шампионите со бундеслигашот Фленсбург и забележа убедлив триумф пред празно гледалиште (31:26). Ова беше прв триумф за „црвен-црните“ по стартниот проаз од белорускиот Брест Мешков (24:22) и двата одложени натпреаври од страна на ЕХФ со ПИК Сегед и Елверум. За Фленсбург кој до оваа пресметка во Скопје имаше три од три во ЛШ, ова беше прв пораз.
Избраниците на тренерот Стевче Алушовски ја контролираа играта и резултатот во поголемиот дел од натпреаврот и на крајот заслужено стигнаа до посакуваната победа. Но, тренерот на Фленсбург Маик Макула кој по мечот му честиташе на Вардар, изјави дека ова не била фер пресмета, бидејќи судииската двојка од Црна Гора, Иван Павичевиќ и Милош Ражнатовиќ не ја делеле правдата според прописите.
– Му честитам на Вардар за победата, не бев задоволен од она што го прикажавме во првите 15 минути од мечот. Како што одминуваше мечот, наоѓавме се подобри решенија, но наидовме на отпор и кај судиите. Обично не зборувам за судиите, но сега мора да се осврнам и на нив. Ова што се случуваше не беше фер судење, судиите не ни дозволија да има фер натпревар и верувам дека на сите им беше јасно што се случува. Лоши вести за нас се и двајцата повредени играчи, ова не е добар меч за нас – изјави Макула.